Секоја година загадувањето на воздухот, предизвикано главно од фосилните горива, генерира загуби во македонската економија која е еквивалентни на 3,2 проценти од бруто домашниот производ, е еден од наодите на системската дијагностика за Македонија што ја направи Светска банка за периодот од осамостојувањето до 2017.
„Загадувањето на воздухот во Македонија е помеѓу најлошите во Европа, а здравствените ризици се големи, со проценет годишен трошок еднаков на 3,2 проценти од БДП. Главните виновници, одговорни за повеќе од 90 проценти од емисиите, се патниот сообраќај, индустријата и енергетското производство, како и затоплувањето на домаќинствата, додека другите извори на загадување вклучуваат земјоделство, горење на отпадот и прашина од градежни активности. Загадувањето на воздухот е концентрирано, со тоа што над 45 отсто го погодува Скопје, најголемиот град, и неколку локални производствени зони“, стои во извештајот на Светска банка, каде еколошките ризици се дел од трите главни наоди, односно ниска продуктивност, ограничена социјална инклузија со недоволен број работни места, и социјални, фискални и економски ризици.
Во извештајот се вели дека продуктивноста, која е критична за поттикнување на растот, е многу ниска и расте бавно, бидејќи во последните десет години структурата на економијата многу малку е променета.
„Зголемените странски директни инвестиции не создадоа многу врски со домашните фирми, а извозот на услуги претставува само околу 25 проценти од вкупниот извоз. Повеќето работни места се во секторите со ниска продуктивност и премногу фирми се мали и неконкурентни“, стои во извештајот на Светска Банка.
Според наодите од Светска банка просечниот работник во производството и во услугите во Европа и во Централна Азија е за четири пати попродуктивен од македонскиот работник. Ниската стапка на вработеност во Македонија, или 49 проценти според Светска банка е резултат на комбинација од високата невработеност, која е 16 проценти и ниското учество во работната сила или 65 проценти.
„Над 80 проценти од невработените бараат работа повеќе од една година, а над 70 проценти немаат никакво претходно работно искуство. Меѓу сиромашните, невработеноста е скоро тројно поголема отколку кај несиромашните. Македонските деца имаат повисок ризик за морталитет отколку оние во другите западнобалкански или европски земји, а лошата исхрана влијае врз нивната способност за учење како и врз нивната продуктивност во текот на животот“стои во извештајот на Светска банка.
Според Светска банка без реформи, јавниот долг ќе се зголемува како и потребите за финансирање.
Е. БОЧВАРОСКА