Христијанско-демократската унија (ЦДУ), владејачката партија во Германија, ја избра Анегрет Крамп-Каренбауер за свој нов лидер, наследувајќи ја Ангела Меркел по цели 18 години.
Таа тесно го победи својот противкандидат, милионерот Фридрих Мерц, на конгресот на партијата во Хамбург, а гласањето уследи по емотивниот проштален говор на Меркел, која останува канцелар до 2021. Наоѓајќи се на чело на најголемата германска партија, Крамп-Каренбауер, позната како АКК, е и најверојатниот иден канцелар.
„Ја прифаќам оваа функција и ѝ благодарам на партијата што ми укажа ваква доверба. Ветувам дека ќе ѝ дадам нов поттик на партијата и дека ќе вратам милиони гласачи кои ги загуби во последните години“, изјави Крамп-Каренбауер, која во вториот круг од гласањето освои само 25 гласови повеќе од Мерц.
Педесет и шестгодишната Крамп-Каренбауер досега беше генерален секретар на партијата и премиер на сојузната држава Сарланд, каде што оствари одличен резултат на изборите во 2017 година.
Крамп-Каренбауер ѝ се придрижи на ЦДУ како студент во 1981 година и долго време важеше за наследник и штитеничка на Меркел. Лојална на Меркел, се верува дека таа ќе преслика добар дел од нејзините стил и политики.