ДАЛИ МИРНО СПИЕТЕ, ОБВИНЕТИОТ КОЉО ГО ПРАША СВЕДОКОТ ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ДАЛИ МИРНО СПИЕТЕ, ОБВИНЕТИОТ КОЉО ГО ПРАША СВЕДОКОТ ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛПоранешниот претседател на Собранието, сега пратеник, Трајко Вељаноски на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани. (Фото: К. Попов)

    Обвинетиот Јане Ченто, кој е во притвор, на денешното сведочење на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, го праша тогашниот претседавач Трајко Вељаноски:

    „Не преовлада разумот за мирно предавање на власта, само за да ги зачувате вашите фотелји?“.

    „Јас тука сум како сведок, а не како политичар“, му одговори Вељаноски. Овој одговор го даде и на прашање дали некој одвнатре ако не ги отворел собраниските врати, немало толпата да влезе во Собранието.

    По ова, стана обвинетиот Игор Југ.

    „Дали го знаете албумот на Металика Мастер оф папетс, господар на куклите? Политичарите на 27 април беа господарите, а ние што скапуваме во затвор куклите?“

    „Политичарите ја водат политиката. Дали е исправна или не, народот кажува. Тој ја дава довербата“, одговори Вељаноски.

    „Ако ова не е фингирана работа, зошто од 33 – ца, останавме само 11-мина во притвор? Дали сите си ги спасија своите, а само ние останавме жртвени јагниња?“, го праша Игор Југ.

    По приговор од адвокатката на Горан Ѓошевски, судијата Добрила Кацарска не го дозволи прашањето.

    На прашање на Никола Митревски-Кољо: „Дали вие Вељаноски како претседавач на Собранието и пратениците не си ја завршивте работата, па го вовлековте народот, така е?“.

    „Пратениците си ја вршат работата. Требаше да продолжи седницата утредента“, одговори Вељаноски.

    „Дали мирно спиете што не ја кажувате вистината?“, го праша Кољо.

    Судијката не го дозволи прашањето, оти не произлегло од директното испитување.

    „Дали ќе се согласите дека Крсто Мукоски и Сашо Василевски не требало да ги отворат собраниските врати?“, продолжи обвинетиот.

    „Кој ги отворил вратите ќе си каже судот. Јас не сум дојден за тоа во судот“, сведокот.

    „Дали на 27 април лани ја известувавте тогашната заменичка-министерка Билјана Бришкоска-Бошковски за состојбите внатре во Собранието? Дали вие му кажавте на Сашо Василевски да ги отвори собраниските врати?”, го праша обвинетиот Александар Василевски-Нинџа.

    „Ниту со Бришкоска, ниту со Василевски сум зборел и престанете да лицитирате со имиња. Не е вистина тоа“, одговори Вељаноски.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира