Телото за помирување во Собранието по неколкунеделно усогласување го изготви предлог-текстот за селективна амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април минатата година.
„Направена е разлика, најдена е правна формулација за дистинкција меѓу лицата организатори на настаните од 27 април лани, насилниците и за здружување за непријателска дејност со оние кои не организирале и не извршиле насилство. Секое лице опфатено во процесот на ваквата амнестија, откако законот ќе биде изгласан, ќе треба да поднесе барање за амнестија“, рече пратеникот Зеќир Рамчиловиќ по денешниот финален состанок на подгрупата за помирување.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, тој одговори дека обвинетите лица ќе се препознаваат, односно нема да се препознаваат во селектираните две групи кои нема да подлежат на амнестија и така нема да поднесуваат или ќе поднесуваат барања за помилување од кривичните дела за кои се обвинети како присутни односно учесници во нападот на Собранието
На прашање, пак, дали оваа селективна амнестија се однесува само на тековниот судски процес во Основниот суд Скопје 1 во кој што се опфатени 33-ца обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста или и на тие кои се веќе осудени, како за претепувањето на Зијадин Села, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, Оливер Спасовски и на други, Рамчиловиќ рече дека нема правосилна пресуда ни за тие што се веќе осудени во помали групи од страна на Кривичниот суд и повтори дека за насилство нема да има амнестија
Текстот, рече Рамчиловиќ, сега ќе оди до подгрупата за интеграција, реформи и помирување, а потоа и до сите пратеници во Собранието.
С. К. ДЕЛЕВСКА