ПРОРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНИОТ ТЕТОВСКИ УНИВЕРЗИТЕТ ОДБИ ДА РАЗГОВАРА СО СТУДЕНТИТЕ КОИ ТРЕТ ДЕН ПРОТЕСТИРААТ

    ПРОРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНИОТ ТЕТОВСКИ УНИВЕРЗИТЕТ ОДБИ ДА РАЗГОВАРА СО СТУДЕНТИТЕ КОИ ТРЕТ ДЕН ПРОТЕСТИРААТПроректорот Арбер Челику се појави меѓу студентите во холот на универзитетот, но избегна да дебатира со нив (Фото: СДК.МК)

    Трет ден тетовските студенти протестираат и бараат од управите на Државниот тетовски универзитет (ДУТ), Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје да ги слушнат и исполнат нивните барања. По протестите на градскиот плоштад во Тетово и пред ДУТ, студентите денеска се собраа во холот на тетовскиот универзитет, бидејќи, како што рекоа, им била ветена средба со проректорот Арбер Челику. До кратка средба дојде во холот на ректоратот.

    „На вчерашната дебата на ТВ 21, Челику изјави дека ние, студентите кои имаме индекси, денеска можеме да дојдеме на универзитетот и да дебатираме за нашите барања. Денеска, тој дојде меѓу нас, но го промени својот став. Вчера тој рече и дека ако не ги исполни тие барања, ќе поднесе оставка, но тој денеска ниту дебатираше со студентите, ниту поднесе оставка“, изјави Љуљзим Селими, студент на Државниот тетовски универзитет.

    „Место да прифати да зборува со сите студенти, тој едноставно си замина. Ние остануваме овде да чекаме и сакаме сите заедно да дебатираме, а не, како што сака проректорот, тие разговори да се водат само со мала група студенти. Сакаме од сите нас да слушне на што се жалиме“, надополни неговата колешка Сибел Јусуфовска.

    Студентите, кои во најголемиот дел се од албанска националност, доставија 14 барања до универзитетските управи, како: деполитизација и отстранување на корупцијата во универзитетите, да се прекрати со праксата студентот да мора да ја купи книгата на професорот за да добие преодна оценка, ставање крај на дискриминацијата на студентките зашто некои професори ги терале преку сексуални односи да дојдат до оценка, да се подобрат условите за студирање и да се подобрат условите за организирање екскурзии.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира