НЕДОНОСЕНО ДЕТЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:72:"Неканиеназдравјесловенечкиотајвар

    1. Кога во април минатата година, малезискиот премиер Махатхир Мохамад се истовари на скопскиот аеродром со четири авиони, со кои пристигнаа стотина луѓе, што политичари, што бизнисмени, што новинари и кога тогашната компанија “Палер Македонија” потпиша договор со “Малезија ерлајнс” за одржување редовна линија помеѓу Македонија и Малезија, наивно поверувавме дека веќе нема да ни требаат ни Солун, ни Драч, ни Бургас, ни Бар, туку дека нашиот излез во свет ќе биде Куала Лумпур. Тогаш беа договарани извоз на нашето јагнешко месо и на јаболките, отварање на фабрика за еркондишни во Македонија, и изградба на карго центар за Балканот на малезиската компанија во рамките на скопскиот аеродром.
    Во меѓувреме, јагнињата останаа непродадени, затоа што не успеавме да ги намолиме европејците да ни ги купат, јаболките скапаа по овоштарниците, еркондишните продолживме да ги купуваме во странство, “Палер” веќе не постои,   а “Малезија ерлајнс” за своја база на Балканот го избра загрепскиот аеродром, затоа што кога минатото лето требаше да слета нивниот прв џамбо на редовната линија од Куала Лумпур, од скопскиот аеродром им беше порачано заедно сосе авионот да си донесат и опрема за натоварување и истоварување, бидејќи ние сме немале пари да ја купиме.
    Годинаипол по спектакуларниот десант на малезијците, ние нешто помалку спектакуларно ќе се истовариме во Куала Лумпур. Кремот од  македонски директори во Малезија ќе допатува од некоја егзотична земја од Персискиот залив, затоа што нашите авиони не долетуваат толку далеку, со можност да ги изгубат куферите по пат, ама затоа пак со себе ќе го носат шефот на државата, ако може со својот авторитет да ги потсети малезијците на она што можеше да се направи, ама не го направивме по наша вина. Да се надеваме дека година и половина беше доволно време да се направи список на тоа што можеме да понудиме. Колку за да не мисли народот дека одат на уште една туристичка тура до Далечниот Исток.

    2. Изгубивме уште едно од ретките национални богатства што ги имавме. Ајварот повеќе не е македонски специјалитет. Името “Ајвар” на производот што се појавува на германскиот пазар го регистрирала една словенечка фирма. Нека ни е на здравје домашниот ајвар, исто како што ни е наздравје квалитетното македонско вино, во словенечки шишиња.
    На зимскиот ред на летање на словенечкиот национален превозник “Адрија” повторно ги има утринските млекарски летови од Скопје за Љубљана, под шифрата на македонско-југословенскиот МАТ. Ние ги даваме пиперките, тие да ни го продаваат ајварот, ние им го даваме виното, тие да ни ги продаваат етикетите, ние им даваме дозвола за нашето небо, тие ни продаваат билети за нивните авиони.
    Зошто? Затоа што сме глупави!? Затоа што сме неспособни сами да одиме надвор, па ако веќе не  одиме преку Белград, ќе одиме преку Љубљана!? Или, едноставно затоа што некој од тие зделки извлекол лична корист!? Или, уште поедноставно, затоа што немаме достоинство!?  И после ќе се чудиме зошто на гласањето во Обединетите нации Словенија нé победила со 140:30. Ние не заслужуваме да ги добиеме ни тие 30 гласа. Ако може еве, ќе им ги дадеме и нив. Кога само ќе се сетам дека претседателот Глигоров се закануваше дека исходот на гласањето може да предизвика последици во меѓусебните односи. Може, кога наспроти Словенија би стоела некоја држава, а не Македонија.

    3. А тоа дека сме држава со достоинство ни потврдуваат и во Мисијата на ОБСЕ во Скопје.Тие ни закажуваат седници на собраниските комисии и нашите пратеници им прифаќаат. Тие бараат седниците да бидат тајни и нашите пратеници размислуваат дали да им го прифатат предлогот.
    Кон нас се однесуваат како кон недоносено дете. Како да не сме држава. Како да сме територија под  привремена управа. Инаку, во која држава би се дозволило еден државен чиновник на странска земја, па макар бил тоа и амбасадор на Мисијата на ОБСЕ да им налага на работните тела на највисокиот законодавен дом на земјата – домаќин како да работат. Замислете, шефот на  мисијата и службеничката задолжена за односи со јавноста побарале од Комисијата за меѓунационални односи од расправата да се отстранат новинарите и нашите пратеници размислуваат дали ќе им го прифатат предлогот. Зошто воопшто размислуваат? Треба некого да прашаат!?
    Не треба да им се лутиме на странците што кон нас се однесуваат така. Видоа со кого си имаат работа и си прават што сакаат. Тотални анонимуси во нивните држави, кај нас се главни ѕвезди. Тие ни кажуваат како да ја правиме државата, тие ни кажуваат како да ја водиме. Денес ни бараат седница на Комисија, утре можеби ќе ни свикаат и седница на Собранието. И што е потрагично, нашите пратеници ќе размислуваат дали да им го прифатат предлогот.

    4. Завчера се  одржа некаква тркалезна маса за реформите на државата. Кога ги гледав извештаите на телевизиските станици, не знаев дали емитуваат архивски снимки од седниците на ЦК СКМ. Салата беше истата, во која се одржуваа седниците на ЦК. И излагањата беа слични. Сите исто мислеа, главно реформите одат напред, а и за тоа што не чини, не е виновен системот, што си е добар, туку некои субјективни слабости. А и составот на луѓето баш не беше многу подновен.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира