„Живееме во време на ‚пост-вистина‚ или ‚алтернативна вистина‚ и лажни вести, и дури и кај нас политичарите почнаа да го користат терминот ‘лажна вест’ заради дискредитација на новинарството. Ама драги колеги, верувам сите знаеме дека лажните вести не се најголемиот непријател на новинарството. Најголемиот непријател е мрзливото новинарство – препишувачко, без независна проверка на фактите, со глумење балансираност, неодговорно и некомпетентно. Лошото, мрзливо новинарство ја уништува способноста на слободните медиуми и ја поткопува довербата на јавноста во седмата сила“, рече во Собранието на Македонија, Марина Костова, заменик-главна уредничка на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, годинашен добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, највисокото државно признание за остварувања во областа на публицистиката.
Костова, новинарка и филмска критичарка ја доби наградата за публицистика, за повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект „Монографија Манчевски“ за творештвото на режисерот и уметник Милчо Манчевски. Наградата за остварување во новинарството ја доби Емин Аземи, одговорен уредник во весникот „Коха“.
Костова во говорот во име на двајцата наградени, рече дека нејзината генерација ја почнала новинарската кариера на самиот почеток на осамостојувањето на Македонија и за нив било ретка привилегија професионално да се следи и забележи, како што рече „тој возбудлив процес на раѓање на една држава“.
„Верувам дека никој од нас ни на сон не помислуваше дека во животот ќе нѐ снајде еден авторитарен, корумпиран режим, кој ужасно го регресираше целото општество и држава. Најмногу во таа регресија настрада новинарството. Преживеавме цензура, закани, насилство, притисоци, хајки, затворање медиуми…Македонија, според индексот на слобода на говор и медиуми на Фридом хаус и на Репортери без граници, последниве 12 години со години беше рангирана како неслободна земја. Неслободна земја. Во овој кус и турбулентен период на реконвалесценција од година и пол, оти да се ослободи земјата од последиците на режимот е како да се излечиш од смртоносна болест која за малку не те убила, значи сака многу време, се обидувам со циничен оптимизам да се надевам дека можеби ќе се оправиме. Верувам дека нашата професија е нашата вистинска татковина, а интегритетот на професијата е нашиот вистински дом. И како циничен оптимист, драги колеги, верувам дека ова ни е последна шанса за конечно – да се вратиме дома“, рече Костова.
Таа наградата им ја посвети на нејзините родители Лена и Штерјо Костови и на Мира Велевска, мајка на починатата колешка Валентина Велевска, со која Марина другаруваше од студентските денови и на почетокот на нејзината новинарска кариера.
„Монографијата Манчевски“ е проект реализиран од 2013 година во четири фази – од истражување на архивски материјали до печатење на монографијата, од која 120 примероци се дистрибуирани во национални библиотеки, кинотеки, научни институции и академии во над 60 земји на сите континенти.
Според образложението на одлуката на комисијата, Аземи е неуморен борец за развој на професионалното новинарство базирано на факти и кодексот на етика за подигање на одговорност на новинарството и на довербата на јавноста во него. Аземи ја почнал кариерата во 1980-тите, а во 1998 година го основал првиот независен дневен весник на албански јазик во Македонија – „Факти“ – медиум кој станал професинална школа на десетици новинари и промотор на слободната мисла. Аземи бил и педагог по новинарство на Универзитетот на ЈИЕ.
Б. НЕСТОРОСКА