ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ ПОВЕЌЕ МОБИЛНИ ЗДРАВСТВЕНИ ТИМОВИ ЗА ПРАЗНИТЕ АМБУЛАНТИ ВО СЕЛАТА

    ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ ПОВЕЌЕ МОБИЛНИ ЗДРАВСТВЕНИ ТИМОВИ ЗА ПРАЗНИТЕ АМБУЛАНТИ ВО СЕЛАТАМинистерот за здравство Венко Филипче со директороката на Здравствен дом Струмица Љубица Митева на примопредавањето на специјалното болничко возило донација од хуманитарното здружение „Сано“. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство идната година планира да ја зајакне примарната здравствена заштита по руралните средини каде што нема матични лекари со мобилни екипи кои ќе работат во празните амбуланти на јавното здравство. Ова го најави министерот Венко Филипче при посетата на Здравствениот дом во Струмица каде го предаде специјалното болничко возило донација од хуманитарното здружение „Сано“ со цел зајакнување на капацитетите на патронажните мобилни тимови кои треба да бидат сервис на пациентите во руралните средини.

    „Со ова возило ќе се зајакнат капацитети на домашната посета, а домашната посета е сервис во кој што сакаме да уфрлиме и нови типови услуги со цел пациентите да не доаѓаат до здравствените домови и болници. Сакаме да се даваат услуги во амбулантите во руралните места кои сега се празни. Паралелно ке ги зајакнеме и мобилните аптеки во руралните средини“, кажа министерот Филипче.

    Во струмичкиот регион, 65 отсто од населените места се покриени со матични лекари додека во останатите населени места нема примарна здравствена заштита иако таму своевремено имало амбуланти на јавното здравство. Станува збор за ридско планински села со помал број граѓани кои сега патуваат со километри до Струмица.

    „За извршување на посетите потребно беше обезбедување на возило со кое здравствените работници ќе имаат можност да стасаат до сите корисници на кои услугите им се потребни. Сега нашите тимови ќе бидат присутни насекаде и ќе можат на граѓаните да вршат превентивни прегледи или консултација околу терапијата“, кажа Лубица Митева директор на Здраствениот дом.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира