ПУНКТОВИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО ПОЛИКЛИНИКИТЕ ЈАНЕ САНДАНСКИ, БИТ ПАЗАР И БУКУРЕШТ ЌЕ РАБОТАТ И ВИКЕНДОВ ВО ДВЕ СМЕНИ

    ПУНКТОВИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО ПОЛИКЛИНИКИТЕ ЈАНЕ САНДАНСКИ, БИТ ПАЗАР И БУКУРЕШТ ЌЕ РАБОТАТ И ВИКЕНДОВ ВО ДВЕ СМЕНИ„Граѓаните кои се сомневаат дека нивните деца имаат симптоми на сипаници, може да ги носат во градската општа болница '8 Септември' или на Клиниката на инфективни и фебрилни состојби“, велат од Министерството за здравство (Фото: СДК.МК)

    Пунктовите за вакцинација во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Букурешт“ ќе работат и викендов во две смени, односно од 7.30 до 19 часот, информираат од Министерството за здравство.

    Во понеделник овие пунктови ќе работат само прва смена, односно од 7.30 до 13 часот.

    Од Министерството за здравство велат дека пунктовите ќе работат и за време на викендот и за празникот за да овозможат што повеќе деца и возрасни да бидат вакцинирани со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит), откако завчера беше прогласена епидемија на мали сипаници во Скопје.

    „Граѓаните кои се сомневаат дека нивните деца имаат симптоми на сипаници може да ги носат во градската општа болница ‘8 Септември’ или на Клиниката на инфективни и фебрилни состојби. Родителите кои со своите деца ќе одат во поликлиниките на вакцинација, имаат право да го проверат производителот и рокот на траење на вакцината, пред да ги вакцинираат. Уште еднаш потврдуваме дека МРП вакцината е со проверен квалитет, произведена во Белгија од реномиран производител, кој има два сертификати за квалитет и истата ја употребува за вакцинација на децата во својата земја“, велат од Министерството за здравство.

    Според информациите од Министерство за здравство до 13 часот денес заедно со вчерашниот ден вакцинирани се 829 деца, а во моментов нема ново заразени со мали сипаници.

    Епидемија во Скопје беше прогласена пред два дена, откако беа евидентирани 12 нови случаи заразени со мали сипаници од скоро сите скопски општини. Претходно, на 19 декември беше прогласена епидемија на морбили во населбата Радишани, каде 6 деца што посетуваат една градинка се разболеа од мали сипаници, а беше регистриран и еден возрасен. По теренските контроли направени од Институтот за јавно здравје беше утврдено дека од вкупно 104.000 деца во Скопје на возраст до 14 години 15.000 деца се невакцинирани.

    Од 12 нови случаи за 6 потврда дека имаат мали сипаници имаше уште завчера, за двајца потврдни резултати стигнаа вчера, а за двајца беше утврдено дека немаат морбили.

    Според здравствените власти сите заразени не се вакцинирани со МРП вакцината и пациентите се главно деца на возраст од 8 месеци до 4 години. Меѓу новите случаи има и двајца возрасни.

    Министерството за здравство заедно со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Комисијата за заразни болести согласно член 56 и 57 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

    Министерот за здравство Венко Филипче завчера рече дека прогласуваат епидемија, бидејќи станува збор за високо заразно заболување, кое има тешки последици по здравјето на граѓаните и може да заврши со смрт. Тој рече дека на повикот на Министерството за здравство по појавата на првите случаи во Радишани да ги вакцинираат децата одзивот бил многу мал, односно за две недели во вакциналните пунктови лани се јавиле само 330 лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира