Само 40 кафулиња низ Скопје имаат одобрение да ги застаклат терасите и плаќаат комунална такса за тоа што го користат јавниот простор. Сликата низ градот е сосема поинаква, застаклено е речиси секое кафуле или кафеана, а за тоа ниту имаат дозвола, ниту плаќаат.
До 30 октомври кога беше крајниот рок за кафеанџиите да поднесат елаборати за поставување на маси и столици на јавна површина за зимска сезона, во Град Скопје пристигнале околу 200 барања. Од Град Скопје велат дека од пристигнатите барања одобрение е дадено на 40 угостителски објекти, 70 се одбиени, за 60 се изготвени пресметки, а останатите предмети се во процес на обработка, односно се барало од газдите да достават дополнителна документација или да ги корегираат доставените елаборати.
Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов објаснуваат дека според новата одлука угостителите треба да поднесат барање за одобрение за вршење дејност пред деловен простор и барање за одобрение за поставување урбана опрема. Потоа, Секторот за планирање и уредување на просторот им издава решение за плаќање на комунална такса со датум од денот кога барателот го поднел барањето.
„Откако барателот ќе изврши уплата на комуналната такса која сме му ја пресметале за периодот за кој поднел барање, се изготвува односно му се даваат одобренијата за поставување на урбана опрема и за вршење дејност пред деловен простор. Согласно новата одлука во Град Скопје нема повеќе плаќања сезонски, односно се поднесува барање во било кој период од годината“, велат од Град Скопје.
Колку пари од комунална такса која изнесува 15 денари за метар квадратен, досега се уплатени од кафулињата и рестораните, од Град Скопје не кажуваат. Од таму велат според пресметките кои што досега се изготвени на Градот треба да му се платат 3.850.000 денари.
И оние кафулиња што имаат одобрение да ја заградат терасата според информации од Општина Центар, работат нелегално бидејќи зафаќаат многу повеќе простор од оној што им е пријавен во елаборатот и за кој плаќаат комунална такса.
„Кога ние ќе излеземе на терен и ќе ги побараме елаборатите, фактичката состојба е многу поинаква. Пријавиле две-три маси, а реалноста е дека кафулето има многу повеќе заграден јавен простор и поставиле над 20 маси. Токму затоа издадени се решенија за уривање на околу 30 кафулиња кои имаат заградени тераси. Им дадовме шанса да го сторат тоа сами, во спротивно ние ќе ги уриваме, а трошоците за тоа ќе им ги фактурираме на газдите“,велат од Општина Центар.
Со измените на Правилникот за поставување на урбана опрема кои Град Скопје ги донесе на 11 април 2018, на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици треба да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема, тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.
По предлог на градоначалникот Шилегов пак во ноември лани беше донесена одлука кафеаните и кафулињата во Скопје за заградување на летните тераси со стакло од наредната зима да плаќаат надоместок од 15 денари за метар квадратен. Покрај постојната такса од 15 денари метар квадратен за поставување на маси и столици на јавна површина, кафанџиите ќе треба да плаќаат по 15 денари за метар квадратен на ден и за затворањето на терасите со стакла или најлони.
А. АНТЕВСКА