Македонската опера и балет (МОБ) за операта „Скендербег“ по вторпат доби пари од Министерството за култура, по 3 милиони денари добиени лани годинава доби уште 3,5 милиони, и со вкупно 6,5 милиони денари е најскап проект кој годинава е поддржан на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области. Според резултатите од конкурсот објавен на интернет страницата на Министерството, МОБ за оваа опера побарала 5 милиони денари, добила 3,5 милиони денари.
Лани, Министерството за „Скендербег“ даде 3 милиони денари, пари кои не беа дел од буџетот за Годишната програма за проекти од национален интерес во културата. Проектот, како што изјавија лани од кабинетот на министерот Асаф Адеми не беше составен дел од годишната програма за 2018 година, но МОБ во текот на 2018 година до Министерството за култура доставила пријава за премиера на операта „Скендербег“. Премиерата беше првично најавена за лани на Денот на албанската азбука, но се помести за годинава.
По „Скендербег“, претставата „Палачи“ која во Македонскиот народен театар (МНТ) по текст на Мартин Мекдона ќе ја постави реномираниот бугарски режисер Јавор Грдев е на второ место по проекти со највисока сума, 4 милиони денари (од побарани 4.414.400 денари).
Нела Витошевиќ ќе режира најмногу, со три претстави во МНТ, Драмски театар и во Театар за деца и младинци, а со по две режии застапени се режисерите Васил Христов, Владимир Милчин, Срѓан Јаниќијевиќ и Андреј Цветановски.
Како и последните години, и годинава ќе се постават само 4 македонски текста, од тројца автори: два текста од Горјан Милошевски, и по еден од Дејан Дуковски и Румена Бужаровска.
Во програмата за музичка и музичко сценска дејност, во делот кај подддржани проекти од Националните установи-Центри за култура, најмногу пари за еден конкретен има добиено Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар. Оттаму, побарале 895 илјади денари за одбележување на 20 години од Егзодусот на косовските Албанци, а добиле 200 илјади денари. За останатите проекти, одбележување на 7 Март – Ден на албанскиот учител и 21 Декември- Ден на наставата на турски јзик добиле по 80 илјади денари (од побарани 180 илјади денари и 325 илјади денари), за 22 Ноември – Ден на албанската азбука добиле 150 илјади денари (од побарани 345 илјади денари), и за одбележување на 2 Август, добиле 100 илјади денари од побарани 300 илјади.
На објавените Годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година пристигнаа 5.560 пријави, а комисиите предложија поддршка за 2.781 проект.
Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа сите пристигнати пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство) и Вилдане Идризи (библиотечна дејност).
Б. НЕСТОРОСКА