Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска беше испитана во Основното јавно обвинителство во врска со кривичната пријава што е поднесена против непознат сторител, откако со години не биле уплаќани средства во вториот пензиски фонд, со што се оштетени 12.000 осигуреници.
Во својот исказ, таа дала одредени сознанија во врска со наводите во пријавата, но притоа не посочила можен сторител на кривичното дело. Надлежниот јавен обвинител побарал од подносителот на пријавата, Министерството за труд и социјална политика, дополнително да достави материјални докази.
Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање дејствија за проверка на наводите во пријавата. Притоа, од Државниот завод за ревизија ќе се побараат извештаите за извршена ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период, а на распит ќе биде повикан и претставник на Фондот.
Царовска на прес-конференцијата на 27 јануари објави дека од 2007 до 2018 година на над 12.000 осигуреници не им биле уплаќани пари во вториот пензиски фонд. Освен за овие пари, државата ќе треба да ги обесштети осигурениците и за приходите што би ги оствариле од инвестирање на средствата. Со тоа, државата треба да им врати на граѓаните 19 милиони евра.