Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изрече времена забрана за вршење на здравствена дејност на ординацијата по пластична и реконструктивна хирургија „Др сци мед. К. Митаноски“, каде што беше опериран пациентот кој почина во Градската општа болница „8 Септември“. Станува збор за 39-годишник од Ресен кој имал операција во приватната здравствена установа, по што добил сепса и завчера почина во „8 Септември“.
Од инспекторатот денеска соопштија дека извршиле вонреден инспекциски надзор во ординацијата за пластична и реконструктивна хирургија во Општина Аеродром.
„При надзорот, од страна на докторот даден е податок дека операционата сала повремено му ја издава на користење на д-р Ѕвонко Николовски од ПЗУ ’Јанита‘ во Скопје. Починатиот пациент е третиран во оваа сала. Во врска со затекната фактичка состојба од страна на ДСЗИ записнички е изречена времена забрана за вршење на здравствена дејност во наведената ординација со поставување на службена лента, а за кое во наредните денови ќе следат соодветни инспекциски мерки и постапки“, се вели во соопштението на ДСЗИ.