Формирање ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците предлагаат пратеници од ДУИ, СДСМ и од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ со предлог измените на Законот за влада кои се доставени во Собрание.
Во образложението на предложените законски измени стои дека Законот за влада треба да се усогласи со Законот за организација на работата на органите на државната управа, како и дека новото законско решение повлекува финансиски импликации на буџетот.
Со предлог законските измени стои дека со формирање на новото министерство практично се брише Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор. Предлогот законот е ставен на дневен ред на Собранието на 14 март.
Со овој Секретаријат сега раководи вицепремиерот задолжен за спроведување на рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, кој лани од мај до октомври не одеше на работа, оти му беше лут на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Во предложените законски измени стои дека тој ќе почне да се применува од први јуни годинава.