На следната седница на Советот на Општина Охрид, што ќе се одржи на 2 април, предвидено е да се гласа и за легализирање на бесправно изградени објекти, што беше повод денеска да реагира Охрид СОС.
„Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца, кај автокампот ‘Андон Дуков‘, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти, се става во категорија ‘вклопување на бесправно изградени објекти‘. Се сеќаваме дека пред два месеца од дневен ред беше повлечена точка за месноста Градиште, кадешто се подготвуваше слична операција, имајќи предвид дека тука сè уште не е завршен процесот на денационализација”, велат од Охрид СОС.
Од оваа невладина организација потсетуваат дека некои од локациите се во рамките на националниот парк Галичица и на самиот брег.
„Не се наведува големината на објектите што се легализираат. Некои од парцелите имаат илјадници квадратни метри, а во Трпејца дури и шест хектари, така што воопшто не се знае што се легализира. Се легализира на парцели кои, според катастарската евиденција, воопшто не се водат како градежно земјиште, а некои се во државна сопственост. Што се легализира? Дали локалната власт издава бланко карта за легализација уште пред да биде изградено, за потоа да се гради кој, како и колку сака, можеби да се оттуѓи земјиштето по повисока цена и да се овозможи ‘лесна‘ урбанизација“, прашуваат од Охрид СОС.
Екологистите велат дека легализацијата на дивоградбите е спротивна на препораките на УНЕСКО и на законите на државава.
„Во реалноста, не само што постои мораториум, туку легализација на дивоградбите по дефиниција значи кршење на законот, а незаконско градење е дрско постапување во спротивност не само со препораките на УНЕСКО, туку и со законите на Република Македонија. Таа води кон урбанистички хаос и неконтролирана урбанизација, го пореметува планскиот развој и го деградира Охридското Езеро”, предупредуваат од Охрид СОС.
Затоа тие бараат отфрлување на точките од дневниот ред и запирање на легализацијата.
Д. ЧУБРИЌ