Доајенот на македонскиот театар и филм, актерот Мето Јовановски, синоќа во Кинотеката доби Повелба за исклучителен придонес во филмската уметност, на старот на омажот посветен на него, како дел од 22. Скопје филм фестивал. Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, заблагодаруваќи му се на Јовановски за легендарните улоги, му ја врачи Повелбата и рече дека е еден од оние актери кои го одбележаа македонското глумиште, бидејќи без оглед дали се работи за филм или за театар неговите ролји мали или големи, секогаш остануваат во паметење.
„Има актери за кои не сте сигурни дали го одбележале македонскиот филм или се претвориле во таков симбол по кој македонскиот филм го препознаваме. Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без нималку претерување, се нешто кое умее на секоја улога да и даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да и даде таков печат, кој не може никого да го остави рамнодушен“, рече Ангелов.
Јовановски кажа дека радоста најмногу ја споделува со најмладата генерација која со себе носи нов филмски сензибилитет ослободен од сите стереотипи и малограѓански предрасуди.
„Да се биде актер, филмски работник, соработник, да се биде дел од филмска екипа, да се влезе во светот на креативноста, во тој тајновит волшебен свет и барем за миг да се заборави тој црно бел свет со желба да се преточи животот вовозвишен и креативен чин е чест и привилегија, но и одговорност пред оние за кои постоиме, а тоа се нашите гледачи, публиката која знае да ја вреднува нашата уметничка, креативена работа и со кои заедно го славиме творештвото – уметноста и животот како највисока универзална вредност. Да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и се она што ја убива душата човекова“, рече Јовановски.
По свеченоста беше прикажан филмот „Кога ќе осамне ден“ (2015) во режија на Горан Паскаљевиќ. За време на омажот, ќе се прикажат уште седум филмови.
Во новата фестивалска локација, кафе-киното Котур се одржа проекција на краткиот документарен филм „Виолината на Џо“, кој во 2017 беше номиниран за Оскар, а потоа имаше и средба со Кахејн Куперман, американска авторка, продуцентка и режисерка, која го претстави филмот и одговараше на прашањата од публиката. Таа во Скопје гостува со поддршка на Амбасадата на САД.
Е. БОЧВАРОСКА