Двајца полицајци, кои биле на службена должност ноќеска биле прегазени на патот Куманово-Свети Николе, по што едниот загинал, а другиот е пренесен со тешки повреди на Клиничкиот центар во Скопје, соопшти МВР.
„На 21.04.2019 во 00.45 часот на регионален пат Куманово- Свети Николе, во близина на крстосница со населба Ајдучка Чешма, патничко моторно возило ‘мерцедес’ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(40), удрило во В.Ц. (37, полициски службеник) и А.М. (25, кандидат за полициски службеник), кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, велат од МВР.
Откако ги прегазил полицајците, С.Ј. со возилото избегал од местото на настанот, по што на истиот пат удрил во возило „шкода“. Возачот на возилото „шкода“ Н.П. (34) и сопатничката Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј. (52) со телесни повреди, по што Д.Ј. е пренесена во Клиничкиот центар во Скопје, додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово.
С.Ј. е пренесен во болницата во Куманово, а против него во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава, велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство Куманово соопштија дека осомничениот, жител на Куманово, бил видно под дејство на алкохол. Тој, откако ги прегазил полицајците, а потоа удрил во другото возило, продолжил со движење, но од брзината и ударите неговото возило се превртело, при што и самиот се здобил со телесни повреди.