Владата нема намера да се меша во изборот на реис на Исламската верска заедница и никој не помислува да го менува секуларниот карактер на државата, кажа премиерот Зоран Заев на прес-конференција за посетата на папата Фрањо. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање, кој од ИВЗ ќе присуствува во црковната делегација при пречекот на папата, со оглед на превирањата околу избор на поглавар.
Прашањето дојде по синоќешните превирања во ИВЗ, откако судот го уважи барањето на ИВЗ во регистерот на верски заедници за нов поглавар да се запише Скендер Бузаку место досегашниот реис ул улема Сулејман Реџепи кој си дал оставка. Приврзениците на Реџепи ја негираат оставката и тврдат дека судот уважил барање засновано на фалсификувани документи и обвинија дека владата се меша во работата на верската инситуција, а Судот соопшти дека ако имаат сознанија за фалсификат треба да покренат друга соодветна постапка.
„Државата нема намера да се меша, бидејќи нашата земја е секуларна. Ако коментирам кој е актуелен реис, тоа значи да носам судови, а тоа не е моја работа. Јас сум политичар и им служам на граѓаните, работа на реисот е да им служи на верниците. Ние секако мора да соработуваме во интерес на граѓаните, но никој не помислува да се меша во оваа работа и да го наруши секуларниот карактер на државата“, рече Заев.
Тој додаде дека ја видел судската пресуда, но дека нема да даде коментар, затоа што на тој начин ќе се вмеша во давање судови.
„Колку што сум информиран полицијата вчера била повикана од двете страни, веднаш биле испратени тројца полицајци и добро е што ја повикале двете страни. Во спротивно ако барале асистенција од МВР само едните, а полицијата реагирала може да се разбере како притисок. Финансиска полиција ниту влегла, ниту била таму. Наводно денес стигнало некое писмо, но треба да се провери веродостојноста“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА