Организацијата „Репортери без граници“ (РСФ) на Светскиот ден на слобода на медиуми објави поразителни податоци дека помалку од десет проценти од светската популација живее во земји каде што новинарите можат слободно и независно да ја вршат својата работа.
РСФ заклучи дека во само 9% од светот слободата на медиумите е оценета како добра или задоволителна, додека во 74% ситуацијата е оценета како тешка или многу сериозна. Во втората група не спаѓаат само држави како Кина, Русија и Саудиска Арабија, туку и демократски општества како Мексико и Индија.
„Ниту еден од големите проблеми на човештвото, како глобално затоплување, корупција или полова дискриминација, не може да се реши без проверени информации кои се слободно и независно објавени, односно без квалитетно новинарство. Ситуацијата за новинарството е многу загрижувачка, како и за сите оние луѓе кои се лишени од правото на информација“, изјави генералниот секретар на РСФ Кристоф Делор.
Највисоко на листата котира Норвешка, пред Финска, Шведска, Холандија и Данска, додека на самото дно е Туркменистан. Македонија се наоѓа на 95. место на листата со 180 земји.