Дорис Деј, една од последните живи легенди на златното доба на Холивуд, почина на 97 години во својот дом во Калифорнија, објави нејзината фондација за заштита на животни.
„Таа беше со одлично здравје за нејзини години, но неодамна се разболе од сериозна пневмонија“, изјавија од фондацијата „Дорис Деј“.
Позната по своите убав глас и широка насмевка, Деј беше една од најголемите холивудски ѕвезди во 1950-ите и 1960-ите години, кога сними неколку големи кино-хитови со Рок Хадсон. Во 1960 година беше номинирана за Оскар за најдобра актерка за филмот „Шепотења на перница“.
Како пејачка, бесмртност ѝ обезбеди хитот од 1956, „Што ќе биде, ќе биде“ (Que Sera, Sera).
Таа живееше повлечено откако заврши со актерската кариера пред повеќе од 30 години и за последен пат се појави на јавен настан во 1989 година, кога ѝ беше доделен почесен Златен глобус.