Бившиот шпански репрезентативец Хосе Антонио Рејес (35) загина во сообраќајна несреќа, објави неговиот матичен клуб Севилја, не изнесувајќи други детали.
„Можеме да ги потврдиме најстрашните вести“, соопшти Севилја на Твитер.
Рејес на клупски план остави најсилен впечаток во Севилја и Арсенал, а помина и една, шампионска сезона во дресот на Реал Мадрид. Тој му се придружи на Арсенал во јануари 2004 година, среде сезоната во којашто клубот ја покори Премиерлигата без претрпен пораз. Тој ја одигра минатата сезона во дресот на шпанскиот второлигаш Екстрамадура.
„Рејес е нашата вечна легенда. Тој е еден од највредните производи на нашиот клуб“, рекоа од Севилја.
По враќањето во Шпанија, тој освои дури пет трофеи во Лига Европа, три со Севилја и два со Атлетико Мадрид, што го прави рекордер во ова натпреварување. За селекцијата на Шпанија одигра 21 средба и постигна четири гола и беше дел од тимот кој настапи на Светското првенство во 2006 година.