Детскиот кардиохирург од Америка Стив Бибевски, кој води потекло од Македонија, заедно со неговата сопруга Џенифер, вeтеринарен хирург, одлучија да помогнат Битола да се справи со уличните кучиња. Тие преку нивната Фондација Бибевски финансираат акција за третман на кучињата скитници преку стерилизација, кастрација, чипирање и вакцинирање на скитниците. Третманот врз бездомните животни се спроведува во ветеринарната амбуланта „Д-р Чупона“, каде Џенифер интервенира заедно со искусниот битолски ветеринар Петар Чупона кој досега извел сложени оперативни зафати врз лавови, тигри и други живиотни од битолската зоолошка градина. По интервенцијата, кучињата се враќаат на улица, на овој начин ќе намали размножувањето, а со тоа и бројката на кучиња скитници.
„Кучињата се во голем број, додека сме тука ќе се истретираат 20 до 30. Тој број е мал за проблемот што постои, но многу е важно да имаме поддршка од државата и Општината, затоа што оваа програма треба да се прошири. Планираме да донесеме ветеринари од Америка, кои заедно со овдешните ветеринари ќе ја реализираат оваа акција. Но, за тие да работат тука потребна е дозвола од македонските власти и сметаме ако се дозволи тоа, со активност континуирана во следните години ќе го решиме овој проблем“, рече Стив Бибевски.
Идејата за да спроведат ваква акција се родила пред шест години, кога брачниот пар ја посетил земјава. Биле воодушевени од природните убавини, но разочарани и од лошата слика со голем број бездомни кучиња и мачки по улиците низ градовите.
„Имаме роднини во Македонија и дојдовме тука да ги посетиме. Одлучивме да се вклучиме зедно со локалното население и со стручна помош на ветеринари, за да можеме да им помогнеме на уличните кучиња“, вели ветеринарната докторка Џенифер Бибевски.
Претставниците на фондацијата се сретнаа и со градоначалничката Наташа Петровска заради создавање заеднички модел за грижа за бездомните животни, како и обезбедување на бесплатна обука за ветеринари од Битола.
Директор на Фондацијата Бибевски во земјава е Јулијана Силјановска, која вели дека и здруженија на животни ја поддржуваат акцијата. Во неа се вклучи и долгогодишниот ветеринар и универзитетски професор во пензија Борис Ангелков.
„Оваа иницијатива на нашите пријатели од Америка е добра прилика да помогнат во разрешување на овој проблем. Следниот чекор ќе биде изградба на стационар за прифаќање на уличните кучиња, со стручна поддршка на ветеринарите и Ветеринарниот факултет како научна институција“, рече Ангелков.
Ж. ЗДРАВКОВСКА