Охридскиот градоначалник Константин Георгиески вели дека УНЕСКО не бара да се урнат над 400 дивоградби, колку што има во регистарот што го изготви општината, туку да се направи проценка на нивното влијание на животната средина. Негово мислење е дека ќе треба да се уриваат не повеќе од 10 објекти.
„УНЕСКО бара од нас да извршиме евалуација на влијанието на животната средина на тие објекти кои што се во заштитениот појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце. Кога зборуваме за објекти, големи“, изјави Георгиески на денешната прес-конференција по враќањето од конференцијата на УНЕСКО во Баку, Азербејџан.
Тој побара помош од државата во справувањето со бесправно изградените објекти.
„Мислите дека општината е способна да се справи со овој проблем? Со еден градежен инспектор и тендер од милион и пол денари за отстранување бесправно изградени објекти. Охрид не е само на охриѓани, Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите, кои што се години наназад извадени од колосек“, вели Георгиески.
Уривањето на дивоградбите е една од 19-те препораки на УНЕСКО кои локалната и централната власт треба да ги спроведат за да не биде ставен Охрид на листата загрозено светско наследство.