ЛОЈАЛНИ КАЗНЕТИ

Нема аир од Деве Баир

    ЛОЈАЛНИ КАЗНЕТИ

    1 Тоа што две недели на ова место тврдам дека заслугите во битката за меѓународно признавање на Македонија се мерат во зависност од тоа колку е оддалечено твоето возило во редиците пред бензинските станици, не можеше да остане несанкционирано. Во рамките на своите сфаќања за лојалноста на граѓа­ните кон својата држава, можеше и да се очекува последниот потег на Владата, со кој ја забрани употребата на неискористените бензински бонови од септември во текот на овој месец. Борците за признавање и оние со цврста волја да не подлегнат на уцените, по три-четиридневно дежурање со повремени пцости и тепачки по улиците меѓу колоните возила, наместо орден “заслуги за независ­ност” ги добија заслужените 20 литри бензин, среќни, задоволни и бескрајно благодарни на оние кои тоа им го овозможија.
    Оние пак колебливците, што постојано се двоумеа пред која пумпа да се наредат, дали пред онаа што очекува бензин по три дена или пред некоја за која од сигурни извори во “Макпетрол” дознале дека има шанси да добие бензин по два дена и дали да се наредат како 274-ти во борбениот ред на патничките возила или како 325-ти на истурената позиција на фронтот против Грција, Европа и сите белосветски антимакедонски сили – ја добија заслужената казна.
    Во оваа држава одамна сите мерила на вредностите се извртени наопаку. От- тука и сосема логично е што таа преку своите институции ги казнува оние граѓани кои, наместо да стојат во редиците, биле на работното место. Или оние кои, сфаќајќи ја ситуацијата, ги извадиле од визбите старите велосипеди, чувајќи си ги љубоморно “загарантираните” 20 литри за зима, за “не дај боже”. Никој не им е виновен што не можат да се вклопат во правилата на игра што им ги диктира државата. Да точат и преточуваат во канти, да шверцуваат од Бугарија, да се снабдуваат со бонови на црниот пазар, да ги обиваат автомобилите од чии резер­воари може да се украде бензин…
    Не знам дали сите овие работи можат да се подведат под она што премиерот го нарече “виталност и во услови на блокада”? Ама совршено ми е јасно дека таквите многу убаво живеат. И дека тоа им го овозможува системот. Истиот, што не води ни малку сметка за оние “помалку виталните”. Тие едноставно се кршат.

    2 Има во Велика Британија еден град со име Лондон. Речиси секоја втора разгледница од Лондон го прикажува неговиот симбол – часовникот Биг Бен. Градот е со голема историска традиција, отсекогаш бил седиште на бројни дипломати, неговите граѓани ги красела некоја чудна, несфатлива конзерватив­ност и гордост. Што се вели “најградски град од градовите”. Арно ама, минало време, во градот дошле луѓе од ваму, од таму, со време толку се намножиле што немало место за вистинските лондончани. На дојдениците не им било гајле ни за историските традиции, ни за гордиот конзервативизам, ни за статусот “најградски од градовите” и… Еден ден, во името на народот, врз симболот на градот, на часовникот Биг Бен му накалемија – крст!
    Од другата страна на Каналот Ламанш – некои малку поинакви луѓе, ама еснафи, трговци, дуќанџии… постојни конкуренти на ладните лондончани. Ама, Лондон и Париз постојано се зајадувале меѓу себе и нормално, парижани не можеле да останат мртви ладни на поставувањето на крстот на Биг Бен. Бирале, бирале и решиле и тие да постават крст над сопствениот симбол. Излегле на референдум, да се решат меѓу Триумфалната капија и Ајфеловата кула и ја избрале кулата. За инает на лондончани.

    3 Владата на Македонија по повод поставувањето на крстовите на саат-кулите во Битола и Прилеп зазеде став дека тие биле поставени незаконски, ама бидејќи нивното симнување би значело дополнително комплицирање на проблемот – подобро нека останат.
    Така би постапил секој што води сметка за традициите и за културното наслед­ство на својата држава. Ем го симнува проблемот, ем незаконското го претвора во законско.

    4 Поставувањето на крстовите предизвика прекин на односите меѓу Ислам­ската верска заедница и Македонската православна црква. Тоа воопшто не се вклопи во контекстот на митингот во Гостивар на кој се сакаше да му се покаже на граѓанството дека на полето на меѓунационалните односи ни тече мед и млеко.
    За паради и за сликање пред ТВ камери пожелно е паното зад сцената да биде испишано и на македонски и на албански јазик. Ама не дај боже, во секој­днев­ниот живот некому да му текне во местата каде што националностите се во мнозинство да испише натпис на нивниот јазик, покрај македонскиот. Сликањето пред камери не може да го реши ни тој најбезначаен проблем. А што правиме со другите?

    5 Во соопштението од разговорите на министерот Малески со функционери­те на ЕЗ во Брисел, за проблемите што настанаа околу текстот на уредбата во која се бара употреба на терминот бивша југословенска република, стои дека “од македонска страна е најавено поведување постапка за измена на спорните термини од актот на Заедницата”. Тоа значи, дактилографките во Министерство­то за односи со странство и во Кабинетот на претседателот добро да се подготват. Следи нова пратка на многу писма.
    Бидејќи министерот ни најави дека таа постапка може да потрае подолго време, остануваме осудени единствениот излез кон светот да ни биде Деве Баир.
    А деновиве убаво се виде: Нема аир од Деве Баир.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира