1. Децата од скопските градинки одбиваат да се занимаваат со ликовни активности, во знак на протест поради тоа што нивните трудови не се земени предвид како предлози за државниот грб на Република Македонија. Во острото писмо упатено до претседателот на Собранието Стојан Андов тие се жалат на непочитување на нивните неприкосновени права, со својот труд да ѝ помогнат на државата во овие тешки денови на нејзина доизградба. Притоа особено се револтирани затоа што пред Уставната комисија може да се најде цртеж на било кој, а нивните не се сфаќаат сериозно. Предупредуваат дека сериозна држава како што е нашата, треба да им овозможи на сите да си цртаат што си сакаат, па нека биде тоа и државниот грб.
И така, додека членовите на Уставната комисија се однесуваат “како малиот Трајче си ги замислува државните симболи”, а пратениците во Собранието “како малиот Трајче замислува држава”, пред лицето на јавноста се редат креативните и уметничките дострели на народните избраници. А Уставната комисија како многу сериозна институција ги губи деновите во рецензија на уметнички дела на пратениците-наивци.
Така е откако народните сезнајковци решија да се откажат од услугите на конкурсната комисија составена од угледни уметници, кои требале да ни одберат државни симболи. Арно ама, и таа комисија заврши како онаа на Бадинтер од Европската заедница. Ем го бараат нејзиното мислење, ем нејзините одлуки никого не обврзуваат.
2. Сега, откако Владата ги донесе дополнителните мерки за економска стабилизација, што на сите тапани беа најавувани како антиинфлациона програма и дефинитивно стана јасно дека старата влада на д-р Никола Кљусев не беше урната за да биде заменета со подобра и поспособна, туку едноставно за некој друг да си ја зацврсти власта.
Кога новата влада самата си признава дека не нуди нова антиинфлациона програма, туку само ја обновува онаа велигденската на Кљусев, подобро нека признае дека и антиинфлационата програма беше урната само за да се урне владата. Оттука произлегува дека не само што новиот кабинет не покажува којзнае колку поголема инвентивност од стариот, туку уште и ќе мора да се позанимава со одговорноста на оние што ја минираа економската политика токму кога почна да дава какви-такви резултати. Се плашам само дека одговорните ќе треба прво да ги бара во нејзините редови.
Не дека бев којзнае колку одушевен од владеењето на Кљусев, ама кога веќе го сменија, нормално е да очекуваш некоја промена. Ништо. Дури и полошо. За разлика од Црвенковски, Кљусев барем ни правеше смешки. И немав проблеми со инспирацијата кога ќе седнев да си го напишам “Сакам да кажам”. Новиот премиер ми го “убива” талентот.
3. Сега ќе се зафатам да бидам организатор на штрајкови. Со скромното искуство на прекршител на законите (едно минување на црвено, три-четири погрешни паркирања и едно нарушување на јавниот ред и мир со пуштање гласна музика на журка) ги исполнувам условите за синдикален лидер на оние што често прават прекршоци.
Со оглед на тоа што според новиот закон, место пропишаните парични казни изразени во денари, сега прекршоците се казнуваат со плати (од половина до сто плати), изразени во просечен личен доход исплатен во последниот месец, нашиот штрајк ќе биде малку поинаков од оние секојдневните. Ќе се “нацртаме” пред Собранието и ќе бараме помали плати. Така и казните ќе ни бидат намалени.
4. И онака сите штрајкови на работниците кај нас не личат на оние нормални светски штрајкови.
Еве на пример, вчера завршил петдневниот штрајк во акционерското друштво “ЕМО” во Охрид. Штрајкувачкиот одбор се договорил со директорот платата за септември да биде исплатена по конечната пресметка, а за октомври, ноември и декември сите вработени во акционерското друштво ќе земат иста плата. Супер! Тоа го нема ни во комунизмот.
Тоа го има само кај нас, зашто пак си градиме оригинален систем. Во кој е сосема нормално да штрајкуваат – акционери. И во кој сите акционери имаат исти плати.
5. “Па кој во оваа држава живее нормално?”, ги праша потпретседателот на Собранието на Македонија Киро Поповски штрајкувачите од “Пелагонија” и “Бетон”, кои вчера ја бараа правдината пред Парламентот.
Никој не го праша: “А во која нормална држава сé уште се на власт тие што направија ненормални услови за живеење?”
6. Случајот со Каналот 103 на Македонското радио и со “антидрамата” на воена интервенција против Македонија, која возбуди многу слушатели, станува интересен феномен за истражување.
Не толку зашто 18-19 годишните младинци својот револт кон војната го искажаа со симулиран воен напад. Уште поинтересно е зошто граѓаните повеќе му поверуваа на забавно-музичкиот канал, отколку на официјалниот државен канал на радиото?