ГРКОТ БИЛИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:49:"МицотакиспеезаМилошевиќ

    1. Готово е! Исток нé отпиша, Европа не сака да нé запише, а Америка го избра Клинтон за претседател. Толку се трудам да не ги сфаќам премногу сериозно програмите на Македонската телевизија, ама… Медиум си е медиум.
    Редовните, а богами и  нередовните претплатници на програмите на државната куќа деновиве сигурно се паднати во длабок очај, кога пред себе го имаат катастрофалниот податок дека победник на претседателските избори во САД е Бил Клинтон. Тоа е, сигурно се сеќавате, истиот оној гувернер од Аркансас,  за кого, пред неколку дена, во една сериозна и гледана емисија беше речено дека, доколку победи тој, “Македонија ќе биде избришана од картата на светот”. По тоа нормално е што граѓаните на Република Македонија појавата на Клинтон можат да ја сфатат како национална трагедија. А телевизијата се обиде тоа да го докаже со анкета по улица.
    Сега ми е јасно и зошто претседателот Глигоров не се огласи барем со чес­титка до новиот претседател на САД, како што побрзаа речиси сите државници. Мора некој да ја криел информацијата за резултатот на изборите. Или пак се надевале дека Буш ќе поднесе жалба и изборите ќе бидат поништени поради поголем број гласачки ливчиња од гласачи. Можеби ни го штеделе претседателот од кошмарни соништа, во кои би можел, сé одново и одново, да му се појавува Клинтон во придружба на американските Грци, како со гумички за бришење се навалиле врз глобусот.
    Во суштина, на раководството на државата изборот на Клинтон му излезе добредојден. Што ако победеше Буш? И што ако и после тоа не нé признаеше? Вака, со Клинтон, ќе имаат многу подебело образложение зошто признавањето не доаѓа и од преку океанот. “Што сакате, ние се договоривме со Буш, ама победи Клинтон”.
    Кога претседателот на Собранието Стојан Андов одеше да присуствува на Конвенцијата на Републиканската партија во Хјустон и кога беше критикуван поради тоа што однапред се ставил на страната што губи, на сите многу убаво ни беше објаснето дека кој и да победи, надворешната политика на САД битно не се менува. Ако е така, од каде сега тие што нé убедуваа во тоа, одеднаш го прогласија Клинтон за најголем Грк?

    2. Поранешната кратенка на Македонската радио-телевизија беше – РТС. Сегашната кратенка на Српската радио-телевизија е исто така – РТС.

    3. Нашите дипломати, кога одат да го убедуваат светот во потребата да нé признае како независна држава, би можеле покрај споменувањето на мирољуби­воста, конструктивноста и Бадинтер, малку да се позанимаваат и со озборување. Грција е идеална за кодошење. Се дружи со Милошевиќ.
    Ако не помага тоа што го предупредуваме светот дека ќе ни направат војна, што потоа тешко ќе може да се контролира, можеби ќе помогне ако постојано се потенцира дека во битката меѓу Паниќ и Милошевиќ, Грција застана на страната на во светот омразнатиот српски претседател, наспроти нејзината Европска заедница, што  наводно го поддржува Паниќ. Излегува дека и Милошевиќ и Шешељ и Мицотакис и Папаконстантину водат иста политика. Со таа разлика што нашите северни соседи одамна ги прочитаа и ги изблокираа, а јужните продолжуваат да глумат дека и тие се дел од светот што ја казнува Србија.
    Веројатно затоа деновиве српските весници радосно јавија дека грчките уметници ќе организираат низа концерти низ својата земја, со наслов: “Грција пее за Србија”. Од концертите ќе бидат собрани средства што ќе се вложат во хуманитарната помош наменета за Србија.
    Најголем бисер, пак, е писмото на градоначалникот на Пиреа кој, протести­рајќи зошто мировната конференција на невладините организации и локалните власти се одржува во Охрид, предложи средбата да се организира во Белград. Како не му падна на памет Вуковар? Така барем ќе ѝ дадеше легитимност на агресијата на нивните традиционални пријатели.

    4. Исто како што “Макпетрол” им дава легитимност на својата неспособност и силеџиското однесување кон граѓаните, кога може “ладно” да им продава на јавните гласила објаснувања од типот: “танкерот доцни, зашто го фатило невреме, па не може да се закотви во пристаништето”.
    Не дај боже да слушне Јован Андонов. Веднаш ќе се упати по источниот коридор кон Црното Море, да ги скроти брановите. По толкуте танкери од Русии, Турции, алтајски републики, што без проблеми пристигнаа до нас, што е едно танкерче од шеесетина илјади тони што ни го набавиле преку кинески фирми. Проблемот е само што и овој евентуален маестрален потег на потпретседателот на Владата на Македонија може да се сфати како “нова скопска провокација”. Ќе помислат Грците дека Андонов е господар на морињата. Како нивниот Посејдон. Па ќе се жалат по светот дека им ги крадеме боговите.

    5. Од изјавите на министерот за односи со странство Денко Малески и пратеникот на Претседателството на Европската заедница Робин О’Нил, дадени по завчерашните разговори во Охрид, можеше да се заклучи дека “работата се мрдна од место”.
    И навистина “мрдна”. Истата вечер беше јавено дека Велика Британија воведе визи и за нашите граѓани.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира