Повеќе од осум години по нуклеарната катастрофа во Фукушима, јапонски суд ослободи тројца поранешни извршни директори од обвинението за професионална небрежност во работата со централата.
Тоа е единствениот криминален случај што произлезе од катастрофата која беше полоша од онаа во Чернобил во 1986 година. Во 2011, кога централата беше погодена од земјотрес и цунами, со неа управуваше државната енергетска компанија „Тепко“.
Повеќе од 470.000 луѓе беа евакуирани од своите домови во регионот, а речиси 18.500 загинаа или исчезнаа во целата катастрофа.
Поранешниот директор Цунехиса Кацумата и неговите заменици Сакае Муто и Ичиро Такекуро беа обвинети дека не вовеле нови мерки за заштита од цунами, што предизвикало смрт на 44 луѓе. Тие наводно уште во 2002 година биле предупредени дека цунами со бранови од 15 метри би можел да ја погоди централата, но не презеле ништо за да ја засилат нејзината заштита.
Оваа катастрофа доведе до затворање на сите нуклеарни реактори во земјата, но неколку од нив подоцна повторно беа пуштени во функција.