ГОЛЕМ ЗАЛАК Е ДА СЕ СНИМА СМЕШЕН ФИЛМ ЗА ВЕРАТА, ВЕЛИ СРПСКИОТ РЕЖИСЕР СРЃАН ДРАГОЈЕВИЌ ПО СНИМАЊЕТО НА СВОЈОТ НОВ ФИЛМ ВО СКОПЈЕ

    ГОЛЕМ ЗАЛАК Е ДА СЕ СНИМА СМЕШЕН ФИЛМ ЗА ВЕРАТА, ВЕЛИ СРПСКИОТ РЕЖИСЕР СРЃАН ДРАГОЈЕВИЌ ПО СНИМАЊЕТО НА СВОЈОТ НОВ ФИЛМ ВО СКОПЈЕСрѓан Драгојевиќ им ги додели главните улоги на хрватските актери Горан Навојец и Ксенија Маринковиќ (Фото: СДК.МК)

    По „Парада“, прославениот српски режисер Срѓан Драгојевиќ повторно снимаше во Македонија.

    Режисерот кој ја одбележа српската кинематографија во последниве 25 години со насловите како „Ние не сме ангели“, „Рани“ и „Убавите села убаво горат“ во Скопје ги направи првите кадри од својот нов филм „Од рајот“ (Небеса), по што продукцијата ќе продолжи во Србија и Германија.

    „Во Скопје се снимаше девет дена, и тоа почетокот и крајот на филмот. Станува збор за копродукција на сите ексју држави освен БиХ, плус Германија и по ‘Парада‘, ова е втор филм на кој Драгојевиќ соработува со ‘Сектор филм‘“, изјави продуцентот Владимир Анастасов.

    Познат првенствено по црни комедии, Драгојевиќ го опишува новиот филм како „христијанска алегорија“ и, како што вели, во него се занимава со сериозна тема на еден духовит начин, но без да искаже непочитување.

    „Филмот се занимава со божји чуда во време на транзиција, кое е како време на рано христијанство, зашто после половина век комунизам и атеизам, сите се вративме на христијанството, но сѐ уште учиме како е да се биде христијанин. Филмот се состои од три приказни кои се случуваат во 1993, 2001 и 2026 година и нивни ликови се испреплетуваат“, вели Драгојевиќ.

    Во главни улоги се хрватските актери Горан Навојец и Ксенија Маринковиќ, кои играат сопружници дојдени како бегалци од Хрватска.

    „Јас играм добар човек, атеист, на кого еден ден над главата ќе му израсне ореол. Станувам светец, кого околината не го прифаќа како таков и мисли дека сѐ е измама. Ова е најдобро напишаната машка улога на сите времиња во Југославија“, се пошегува Навојец.

    Од македонските актери во филмот се појавуваат Ратка Радмановиќ и Денис Абдула.

    „Ова е приказна за бог и вера и тоа е тежок залак. Има доста комедија, но се задржува почит кон верата. Сега сум во 50-ти години и почнав да се занимавам со сериозни теми“, вели Драгојевиќ.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира