НА „БОЕМСКА“ БИТКА ЗА СПАС ОД БРИШЕЊЕ НА СНИМКИТЕ ОД КАМЕРИТЕ ВО КАФЕАНА, ЗА ПРИСУСТВОТО НА МИЦКОСКИ ВО ЗАБРАНЕТИОТ ДЕЛ ЗА ГОСТИ

    НА „БОЕМСКА“ БИТКА ЗА СПАС ОД БРИШЕЊЕ НА СНИМКИТЕ ОД КАМЕРИТЕ ВО КАФЕАНА, ЗА ПРИСУСТВОТО НА МИЦКОСКИ ВО ЗАБРАНЕТИОТ ДЕЛ ЗА ГОСТИНачалникот на СВР Скопје, поставен од министерот за внатрешни Наќе Чулев, кажа дека на специјалците им наредил да се распоредат пред кафеаната директорот за јавна безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Припадници на Специјалната единица за брзо распоредување (ЕБР) во МВР ја обиколија кафеаната на улица „Боемска“ во Дебар Маало каде што вечерва по 18.30 часот бил виден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како излегол од внатрешноста на објектот, забранет за прием и служење на гости, согласно владините мерки против пандемијата на коронавирус.

    Таму во моментов има напната ситуација, а началникот на СВР Скопје поставен од ВМРО-ДПМНЕ, Ристе Ставревски, кој повеќе од три часа е таму, кажа дека директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) во МВР Сашо Тасевски е тој што ги повикал специјалците, но оти не знае зошто го сторил тоа.

    Во отсуство на официјални информации и недостапност по телефон на министерот Наќе Чулев, наводно специјалците биле повикани зашто сопственикот на угостителскиот објект и вработените, мотивирани од началникот на СВР Скопје даваат отпор да се влезе внатре и да се прегледаат безбедносните камери.

    Неофицијално, се стравува дека во моментов внатре се бришат снимките од присутните гости внатре во кафеаната, додека се чека судски налог полицијата да влезе таму. Бришење снимки во ваков случај е тешко кривично дело и основ за одредување притвор.

    За случајот бил известен надлежен јавен обвинител од Скопје. Ставрески, пак, кажа дека се чека судски налог да се влезе во објектот и да се види дали навистина таму бил Мицкоски или не.

    Уште пред да дојдат специјалците, додека вработените не ги пуштале инспекторите од Пазарниот инспекторат да влезат да направат контрола и во овој угостителски објект, Мицкоски, го напуштил локалот. Овој случај вечерва го откри Раководителката на инспекцискиот надзор за Скопје Мери Проја-Продановска.

    „Вечерва Државниот пазарен инспекторат во редовни, односно вонредни надзори на територија на Скопје, околу 18.15 часот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект, со образложение дека објектот е од затворен тип и дека нема гости внатре. Колегите продолжија со контроли во другите угостителски објекти, но сепак се вратија кај овој, со уште една замолница да им биде отворено, за да извршат надзор. По 2,5 часа успеавме да влеземе во објектот, но пред тоа излегуваа луѓе, а ние не можеме и не смееме да легитимираме. Препознаен е политичар, односно претседател на политичка партија“, кажа Проја-Продановска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира