ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ДОДЕЛИ 500 ПРИЗНАНИЈА НА ДОКТОРИТЕ КОИ СПАСУВАA ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ДОДЕЛИ 500 ПРИЗНАНИЈА НА ДОКТОРИТЕ КОИ СПАСУВАA ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКАНаградата „Св. Наум Охридски“ годинава ја доби специјалистот по општа медицина д-р Душко Темелков, матичен лекар од Кавадарци. (Фото: СДК.МК)

    Наградата „Св. Наум Охридски“, највисокото признание на Лекарската комора на Македонија (ЛКМ), годинава ја доби специјалистот по општа медицина д-р Душко Темелков, матичен лекар од Кавадарци. Тој има 37-годишно богато професионално искуство. Во образложението на одлуката се вели дека Темелков претставува „вистински пример за посветеност, кој го достигнал врвот на својата професија почитувајќи ги највисоките етички принципи, оставајќи траен белег во здравството на Кавадарци и пошироко“.

    Наградата му беше врачена на свечноста за одбележување на 33 години од постоење и работа на Лекарската комора на Македонија, одржана во Велес.

    „Докторите не се само доктори, тие се истражувачи, иноватори, едукатори, тие се носители на надеж и поддршка за секој пациент. Нивната посветеност на животот и здравјето на поединецот е темел на јавното здравје и социјалната стабилност. Докторите се двигатели на медицинскиот напредок, постојано барајќи нови решенија и терапии за да се подобри квалитетот на животот. Унапредувањето на нивниот статус, преку обезбедување подобри услови за работа, континуирана едукација и економско зајакнување, не е само прашање на фер однос кон нив, туку и инвестиција во иднината на целото општество“, кажа претседателката на ЛКМ проф. д-р Калина Гривчева-Старделова.

    На свеченоста беа доделени и благодарници на докторите вклучени во спасувањето на животите на повредените при пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 62 жртви и над 200 повредени, кои покажале исклучителна стручност, пожртвуваност и хуманост.

    „Со доделувањето благодарници, им оддаваме признание на околу 500 доктори кои беа вклучени во лекувањето на повредените во пожарот во Кочани. Ова е мал гест за огромниот подвиг, но е искрен чин на благодарност за нивната беспрекорна посветеност на животот и здравјето на луѓето“, рече д-р Гривчева-Старделова.

    Беа врачени и наградите „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата најдобри студенти по медицина од трите медицински факултети од земјава, кои имаат највисок просек. Признанија добија Јована Цветановска од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, Галена Аризанкоска од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип и Фјола Ружди од Државниот универзитет во Тетово.

    Плакета за најдобар труд добија д-р Беким Татеши, д-р Игор Исјановски, д-р Сузана Кленкоски од
    Универзитетската клиника за очни болести во Скопје, автори на трудот „Скрининг за прематурна ретинопатија за предвремено родени бебиња во Република Северна Македонија – 15-годишни резултати 2009-2024“.

    Лекарска комора е формирана на 5 јуни 1992.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира