Четврти ден сме без вода за пиење, реагираат околу 1.300 жители на селата Возарци, кавадаречко и Трстеник, росоманско.
„Полниме по некое шише колку за дома од чешмиче кај станицата кон селото Камен дол“, ни рече Александар Стојанов од Трстеник.
Им било кажано оти вода нема поради мрзнење на системот „Лукар” и вода требало да добијат вчера околу 17 часот, но се уште ја немало.
Од претседателството на месната заедница на Возарци ни потврдија дека околу илјада жители од саботата немаат вода за пиење, а според нивните сознанија со ист проблем се соочувале и во соседното кавадаречко село Шивец.
Претседателот на месната заедница Трстеник Александар Миревски потврди дека околу 250 жители веќе четврти ден страдаат за вода.
Жители на овие две села со кои разговаравме ни рекоа дека се загрижени затоа што постојано им ветуваат дека ќе добијат вода, а водата никако ја нема.
Раководителот на работната единица за водовод и канализација при Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци Марјан Прескакулев вели дека проблемот со замрзнувањето е решен и водата е пуштена, но требало да се набие притисок.