100.000 МАКЕДОНЦИ ЖИВЕАТ ВО ГЕРМАНИЈА, А 80 ДО 100 ДНЕВНО БАРААТ РАБОТНА ВИЗА, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХ

    100.000 МАКЕДОНЦИ ЖИВЕАТ ВО ГЕРМАНИЈА, А 80 ДО 100 ДНЕВНО БАРААТ РАБОТНА ВИЗА, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХАмбасадорот Герберих во Битола го посети Центарот за германски јазик, каде се сретна со почесниот конзул на Австрија, д-р Валентина Илиева (Фото: СДК)

    Сто илјади Македонци живеат во Германија и 80 до 100 лица секојдневно бараат работна виза, рече германскиот амбасадор Томас Герберих при денешната посета на Битола.

    „Има веќе 100.000 Македонци кои живеат во Германија, тие се основа на билатералната соработка. Претпоставувам дека бројот на луѓето кои ќе одат во Германија ќе биде уште поголем. Секој ден барање за работна виза поднесуваат од 80 до 100 лица. Изучувањето на германскиот ајзик од една страна ги оспособува и им дава можност да побараат и да најдат работа во Германија. Меѓутоа, ние би сакале развојот да е во насока не само тие да ја напуштаат земјата и да одат во Германија, туку искуствата кои ќе ги стекнат таму, да ги применат во својата зема. Политичката ситуација игра многу значајна улога, зашто не станува збор само за економско прашање, за пари, туку на луѓето им се потребни и правната безбедност и стабилност за да можат да се вратат. Не сакаме да работиме само во насока сите оние кои знаат јазик да ја напуштат земјата, туку би сакале да има и такви кои ќе се вратат овде. Тоа е нашата заедничка цел“, рече амбасадорот Герберих.

    Тој во Битола го посети Центарот за германски јазик, каде се сретна со почесниот конзул на Република Австрија, д-р Валентина Илиева, која е и факултетски професор по германски јазик. Таа истакна дека до 1996 година германски се изучуваше само во едно основно училиште во Битола, а сега го учат во сите основни и средни училишта.

    „Многу наши сограѓани сакаат да студираат или работат во странство и токму преку Центарот за германски јазик во Битола се стекнуваат со меѓународно призната диплома“, кажа Илиева.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира