12.500 ЕВРА КАЗНА ЗА ФИРМИТЕ КОИ НЕПРОПИСНО ГРАДАТ ЗАД СКОПСКА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ПОРАДИ ШТО ПРОПАДНА УЛИЦАТА

    12.500 ЕВРА КАЗНА ЗА ФИРМИТЕ КОИ НЕПРОПИСНО ГРАДАТ ЗАД СКОПСКА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ПОРАДИ ШТО ПРОПАДНА УЛИЦАТАИнспектори излегоа на терен и изрекоа 5 казни на градителот „Бинјапи инженеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ". (Фото: СДК.МК)

    Општина Центар ги казни фирмите кои непрописно градат зграда на улица 9 Мај зад Универзална сала во Скопје со вкупно 12.500 евра. Откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека пропадна улицата на градилиштето, инспектори излегоа на терен и изрекоа 5 казни на градителот „Бинјапи инженеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ”.

    „Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот ‘Бинјапи инженеринг’ е обврзан да постави армиранобетонски колови, т.н. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење. Со изоставувањето на армиранобетонските колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а вчера пропадна и дел од улицата 9 Мај, каде што се наоѓа и спорното градилиште“,велат од Општината.

    Градежниот инспектор на Општина Центар изрекол вкупно 5 глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи инженеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „Арадико Коп ДООЕЛ увоз-извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инженер за изведба.

    „Бинјапи инжинериг“ веќе еднаш доби забрана за вршење градежни работи од Општина Центар, токму поради тоа што копа дупка без да направи заштитна јама за обезбедување на соседните парцели. Но, и покрај забраната, градителот ја искина жолтата лента и продолжи да гради. Потоа, инспектори заедно со градоначалникот Горан Герасимовски, повторно излегоа на терен и му наложија на да го обезбеди потребните услови, па дури потоа да продолжи да гради. Но, градителот повторно гради без да ги почитува условите за градба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира