15-ГОДИШНИОТ АЛЕКСАНДАР ОД ТЕТОВО КОЈ БОЛЕДУВА ОД ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА СИ ЈА ИСПОЛНИ ГОЛЕМАТА ЖЕЛБА И СЕ ИСКАЧИ НА ТИТОВ ВРВ

    15-ГОДИШНИОТ АЛЕКСАНДАР ОД ТЕТОВО КОЈ БОЛЕДУВА ОД ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА СИ ЈА ИСПОЛНИ ГОЛЕМАТА ЖЕЛБА И СЕ ИСКАЧИ НА ТИТОВ ВРВНа 15-годишниот Александар му требале три и пол часа за да стигне до вториот највисок врв во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Александар Јосифовски од Тетово боледува од цистична фиброза, хронична болест на белите дробови, но тоа не било пречка заедно со своите родители да го искачи Титов Врв, вториот највисок планински врв во Македонија. Во искачувањето им помогнал нивниот сосед Зија Јонузи, кој е искусен планинарски водич. На 15-годишниот Александар му требале три и пол часа да ја оствари желбата за која долго сонува.

    „Секој ден се подготвуваше и имаше голема желба да се искачи на Титов Врв. Може да се каже дека ова е неговото најголемо доживување. Кај лицата со цистична фиброза најмногу страдаат белите дробови, но тоа е и мултисистемска болест, па затоа ова искачување за нас е голем успех, екстра достигнување и тоа значи дека стабилно стоиме со болеста“, објаснува Мирјана, мајката на Александар.

    Поради болеста, Александар мора постојано да вежба и да одржува добра кондиција. Родителите будно го следеле тоа и процениле дека оваа есен тој е подготвен за еден ваков голем потфат. Александар со родителите поминува многу време во природа и во прошетки. Имаат викенд куќа во тетовското планинско село Отуње, каде има прекрасни планински терени за прошетки. Тие за Александар се неопходни за да не се дозволи болеста да земе замав.

    Александар на врвот заедно со мајка му Мирјана (Фото: СДК.МК)

    „Основната болест е заболување на панкреасот, а како компликација се јавува намалување на капацитетот на белите дробови. Дневно прави 4-5 инхалации, а за белите дробови многу е важна и физичката активност. Александар вози велосипед, игра баскет и самиот прави кондициони тренинзи со трчање“, вели Мирјана.

    Александар е ученик во Средното економско училиште „8 Септември“ во Тетово. Цистичната фиброза му е откриена кога имал само осум месеци. За справување со оваа болест потребни се големи совесност и упорност за да се одржи состојбата стабилна, но и лекарства.

    „Во Македонија е потребно да се регистрира лекот трикафта за да се подобри состојбата на луѓето со цистична фиброза. Лекот веќе се користи во Европа. Словенија веќе го има регистрирано. Се надевам дека наскоро и во Македонија ќе се регистрира овој лек кој може да им го продолжи животниот век на заболените. Во светот лицата со оваа болест живеат 60 до 70 години, додека кај нас животниот век е пократок и тоа за нас е најболната точка. Со овој нов лек состојбата многу би се подобрила“, апелира мајката на Александар.

    Цистичната фиброза спаѓа во групата на ретки болести. Во Македонија од неа боледуваат 120 лица, од кои три во Тетовскиот регион.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира