150 ПЛАНИНАРИ ЗАГЛАВЕНИ ВО ХОТЕЛОТ „МОЛИКА“ НА ПЕЛИСТЕР ПОРАДИ НЕИСЧИСТЕН ПАТ, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ СЕ ЧИСТИ ВО МОМЕНТОВ

    150 ПЛАНИНАРИ ЗАГЛАВЕНИ ВО ХОТЕЛОТ „МОЛИКА“ НА ПЕЛИСТЕР ПОРАДИ НЕИСЧИСТЕН ПАТ, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ СЕ ЧИСТИ ВО МОМЕНТОВПланинарите викендов учествуваа во планинарскиот поход и хотелскиот аранжман им беше до 11 часот денес. (Фото: Фејсбук страница Штипска идила)

    Околу 150 планинари од планинарското друштво „Лисец“ од Штип, придружувани од колеги од Србија и Бугарија, кои учествуваа во традиционалниот Февруарски поход, се пожалија дека останаа заглавени на Пелистер. Велат дека не можат да го напуштат хотелот „Молика“ зашто единствениот асфалтен пат кој води низ Пелистер и од каде треба да заминат, има наноси од снег и не е исчистен.

    Планинарите викендов учествуваа во планинарскиот поход и хотелскиот аранжман им беше до 11 часот денес. Реагираат дека со часови чекаат да се расчисти патот за да можат да си заминат дома. Меѓу нив има и десетина деца, најмалите на возраст од седум години.

    „Ние сме со лесни возила, а патот не е исчистен, добивме ветување од надлежните на ‘Македонија пат’ дека ќе го исчистат, но ете веќе три часа чекаме. Меѓу над има и планинари од Србија и Бугарија кои ги чека подолг пат за дома. Сега седиме внатре во хотелот и чекаме “, изјави Вишна Шурова –Ангелова од планинарското друштво „Лисец’ .

    Директорот на „Македонија пат“ Костадин Ацевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека уште утрово патот бил пробиен, но планинарите одлучиле да останат на ручек во хотелот. Во меѓувреме, вели тој, двата камиона и тракторот отишле да го чистат патот за Ниже Поле, а во заврнал нов снег. Сега се чистат новите наноси и очекува за половина до еден час патот да биде прооден.

    Директорот на хотел „Молика“ Никола Каровски вели дека патот е веќе прооден и гостите го напуштиле хотелот.

    „Патот беше чист и во девет часот утрово, но тогаш гостите не го напуштија хотелот мислејќи дека ќе остане во таква состојба. Но, ова е планина, се случија нови врнежи. Неколкумина беа дојдени со возила со летни гуми и не можеа да слезат. Им кажавме дека за час до час и половина ќе биде пак чист патот. Три возила беа на терен и го исчистија. Не е наше како хотел да го чистиме патот, но се грижиме за гостите и уште од вчера ги известиме дека ќе има нови врнежи“, рече Каровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира