Шеснаесетгодишник силувал 12- годишно девојче во Охрид, а друг малолетник го снимал чинот. До снимката дошло 14-годишно момче, кое го уценувало девојчето да биде во врска со него или ќе ја објави снимката.
Како што дознаваме, девојчето добивало закани и од силувачот да не го пријавува случајот, но вчера, после 12 дена, не можејќи да го трпи психичкиот притисок, ѝ раскажало на својата мајка, која пријавила во полиција.
„На 24.11.2025 во 10 часот, полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 16-годишник од Охрид поради сомнение дека на 12.11.2025 извршил обљуба врз 12-годишно девојче од Охрид, а друг малолетник го снимал чинот. До видеоматеријалот дошол 14-годишник од Охрид, кој го уценувал девојчето да биде со него, во спротивно ќе го објавел видеото. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање и на овој малолетник. Врз малолетничката е извршен медицински преглед, а полициски службеници и претставници на Центарот за социјални работи од Охрид, во присуство на родител, извршија службен разговор“, кажа портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Девојчето и силувачот се познавале и учеле во исто основно училиште. По целосно документирање на настанот, во консултација со јавен обвинител, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави. Медицинскиот наод покажал дека е извршена обљуба, а според кривичниот закон, 16-годишникот ќе одговара за полов напад и силување.
С. ВРЕНЦОВСКА



