Во Битола, каде што Партизанските гробишта со години чекаат достоинствено одржување, за нешто повеќе од две недели ќе се одбележува 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот во 1944 година. Додека гробиштата на кои почиваат десетици партизани тонат во заборав, приодната патека се распаѓа, потпорниот ѕид и дел од скалите се во лоша состојба, а најголем дел од надгробните плочи се потемнети, Управниот одбор на Фондот за доделување на наградата „4 Ноември“ ќе одлучува кому годинава ќе му ја додели оваа награда, која го носи печатот на Народноослободителната борба.
Наградата „4 Ноември“ се смета за едно од највисоките општински признанија за остварувања во различни области од општественото живеење. И годинава за наградата за едногодишни достигнувања има поприлично голем број предлози, дури 17, меѓу кои има директори на јавни установи, но и институции номинирани од раководителите.
Црвениот крст од Битола го предлага директорот на Казнено-поправната установа „Затвор Битола“, Александар Јовковски, за наградата „4 Ноември“, меѓу другото, и поради помошта што ја обезбедил со ангажирање штитеници во реконструкцијата на објектот на Црвениот крст. За истата награда е предложен и самиот затвор.
Во образложението за номинацијата на Јовковски се наведува дека дал поддршка во „завршувањето на капиталниот проект, овозможувајќи сите потребни активности да се реализираат без никаков надоместок“. За затворот, пак, се истакнува дека преку „редовната програма за ресоцијализација на своите штитеници“ помага со нивно ангажирање во установи и претпријатија од јавниот сектор во Општина Битола.
Од Црвениот крст во телефонски разговор ни изјавија дека приватни компании им побарале високи суми за реконструктивните зафати на објектот, додека Затворот бесплатно ангажирал свои штитеници како резултат на долгогодишната соработка во хуманитарни проекти.
Освен Затворот како државна установа, предложен е и Домот за доенчиња од Битола, за кој како предлагач се јавува директорката Билјана Анастасова. Установата ја предлага како хумана, професионална институција поради нејзиниот долгогодишен хуман, професионален и општествен придонес во заштитата, згрижувањето и унапредувањето на благосостојбата на најмладите членови на општеството.
Предложена е и Јавната установа Национален парк Пелистер од страна на Организацијата на жени од Битола, поради бројните активности што ги имаше во изминатиот период за заштита и афирмација на Пелистер.
За едногодишни достигнувања се предложени и други битолчани со придонес во различни општествени области. Меѓу нив се анестезиологот д-р Тања Струменковска-Ристевска, спортистот и тренер Кире Марков, драматургот Билјана Крајчевска, професорите д-р Горан Илиќ и д-р Менде Солунчевски. Понатаму, тука се авторот на документарни филмови Шенол Мемиш, хроничарот Зоран Ѓоргиев, педијатарот и неонатолог д-р Маргарита Камбовска, организаторката на Бадниковата поворка Јасна Николовска, психологот Аница Златевски и Триото „Интерарт“.
За наградата за животно дело се предложени актерите Соња Михајлова и Слободан Степановски, како и писателот Петре Димовски.
Во огласот за наградата како критериуми се наведува дека таа се доделува на физички и правни лица како знак на општествено признание за значајни остварувања во различни општествени и научни дејности, кои претставуваат посебен придонес за развојот на Општина Битола, Македонија и светот. Право да предлагаат кандидати имаат правни лица, здруженија на граѓани, групи граѓани и поединци. Управниот одбор на Фондот за доделување на наградата „4 Ноември“, кој одлучува за добитниците, го избира и го именува Советот на Општина Битола.
Минатата година доделувањето на наградите предизвика реакции во јавноста, откако признанието за едногодишни остварувања ѝ беше доделено на фејсбук-група претставена како портал.
Годинава големиот број кандидати го потврдува значењето што „4 Ноември“ го има за битолчани. Додека се подготвува празнувањето, останува отворено прашањето за односот на градот кон местото каде што почиваат оние на кои им се должи слободата. Партизанските гробишта сè уште чекаат достоинствено уредување, иако Битола годинава одбележува 82 години од ослободувањето.
Од Општина Битола и од Сојузот на борците ни рекоа дека за одржувањето на гробиштата е задолжено Јавното претпријатие „Комуналец“. Оттаму, пак, велат дека под нивна надлежност е само патеката до гробиштата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



