3.000 СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА ВО ШТИП ПОБАРАА СИСТЕМ ЗА ПОКВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО СО НИВНА АКТИВНА ПАРТИЦИПАЦИЈА, А НЕ ДА ЗАМИНУВААТ ВО СТРАНСТВО

    3.000 СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА ВО ШТИП ПОБАРАА СИСТЕМ ЗА ПОКВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО СО НИВНА АКТИВНА ПАРТИЦИПАЦИЈА, А НЕ ДА ЗАМИНУВААТ ВО СТРАНСТВОТрети конгрес по медицина организиран од самите студенти на Медицинскиот факултет во Штип од кој се упати порака за поголем развој и повисок квалитет на здравството кај нас. (Фото: СДК.МК)

    Студентите по општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на третиот конгрес што самите го организираа, побараа подобар систем, за поквалитетно здравство со нивна активна партиципација, а не како што е случајот сега, тие масовно да заминуваат во странство.

    Студентите, учесници на собирот имаа голема поддршка од нивните професори и од Ректорската управа. Ректорот Дејан Мираковски рече дека се радува што студентите преку една ваква самостојна организација се обидуваат да дадат придонес за развој на здравството и што тоа сакаат да го направат не само со редовната студиска настава, туку и со научно-истражувачко студирање.

    Професорот Владимир Чадиковски зборуваше за развојот на детската кардиохирургија. Смета, дека е неопходно со вакви квалитетни основи за субспецијализации да се создаваат квалитетни kадри какви што на државата и недостасуваат.

    „На Детската кардиохирургија во Скопје во изминатите 10-12 години се оперирани над 2000 деца со срцеви мани или годишно имаме по 150 операции. Се оперираат и новородени бебиња и деца под едногодишна возраст. Годишно имаме над 100 интервенции на деца од Косово. Но, морам да кажам дека приоритет имаат случаите од Македонија што значи дека овој проблем го решаваме регионално. Нашиот центар во Скопје е единствен и е во корелација со ваквите кардиоцентри за деца во Белград, Атина и Софија“, вели Чадиковски.

    Според него добро е што Детската кардиохирургија во Македонија располага со квалитетно-стручен кадар и дека тој потенцијал сега е во состојба да создава нов стручен кадар.

    „Ништо не сме направиле ако нашето знаење не го пренесеме на студентите кои се определиле за изучување на медицината“, вели Чадиковски.

    Професорката по анестезиологија Билјана Ефтимова смета дека оваа гранка е несоодветно застапена во јавноста, а токму од неа, како стартна, најмногу се очекува кога се влегува во операциона сала.

    Модератор на конгресот беше и патологот Џенгис Јашар кој исто така смета дека постои голем дефицит на кадар па затоа треба да се прават напори да се мотивираат студентите,а  државата мора да посвети поголемо внимание и да даде адекватна поддршка за да нема одлив на медицински кадар во странство, а истиот кај нас недостасува.

    Организациониот одбор на Конгресот се заблагодари за севкупната поддршка што ја добиле за организацијата на сите три досегашни конгреси на Ректорската управа и на Деканот на медицинскиот факултет, проф. Д-р Милка Здравковска.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира