На Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, кој заедно со фирмата е осомничен за злоупотреби со јавни набавки во РЕК „Битола“, му е изречена мерка притвор од 30 дена. По жалбата поднесена од Основното јавно обвинителство во Битола, преиначена е одлуката на судијата на претходна постапка кој вчера му одреди само куќен притвор.
„Кривичниот совет на Основен суд Битола, одлучувајќи по жалбата на основниот јавен обвинител, истата ја уважи и го преиначи решението на судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола и на едно лице, наместо мерката куќен притвор, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење на основите предвидени во член 165 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка, за продолжено кривично дело ‘Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство’ од член 275-в став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик“, соопштија од Основниот суд во Битола за „Сакам да кажам“.
Од ОЈО велат дека со ова е уважена жалбата и аргументите изнесени од Битолското обвинителство, особено во поглед на ризикот од бегство на осомничениот. ОЈО Битола сè уште не е известено за одлуката по поднесената жалба на мерката куќен притвор за осомничениот раководител во РЕК.
ОЈО вчера издаде наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице, „Марковски компани“, за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК „Битола“. Од Обвинителството соопштија дека постојат докази за основано сомнение дека петмина од осомничените, службени лица во РЕК „Битола“, односно поранешниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК, во текот на 2023 како соизвршители сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според ОЈО, тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК „Битола“ се осомничени и за продолжено кривично дело „Измама во службата“.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК „Битола“ незаконски наплатиле 106.200.000 денари (над 1,7 милиони евра) со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“ според член 275-в од Кривичниот законик.
Ж. ЗДРАВКОВСКА