350 МЕДАРИ ОД 22 ЗЕМЈИ СЕ НАТПРЕВАРУВААТ ЗА НАЈДОБАР МЕД ВО ТЕТОВО

    350 МЕДАРИ ОД 22 ЗЕМЈИ СЕ НАТПРЕВАРУВААТ ЗА НАЈДОБАР МЕД ВО ТЕТОВОМеѓународна комисија, составена од експерти од Македонија, Црна Гора, Косово и Србија, ги испитува органолептичките карактеристика на пристигнатите примероци мед. (Фото: СДК.МК)

    Тетово по третпат е домаќин на меѓународниот натпревар за квалитет на медот. Оваа манифестација, која веќе добива традиционален карактер, и оваа година беше примамлива за голем број учесници да ги испратат своите мостри мед и да се натпреваруваат во една исклучително голема и силна конкуренција.

    „Оваа година ние пораснавме, барем географски, со тоа што на овој натпревар учествуваат 350 учесници од 22 држави од целиот свет. Оваа година овде се натпреваруваат медари не само од Европа, туку и имаме претставници и од Америка и од Австралија. Интерес за учество покажаа и пчеларите од Африка, но поради потешкотии околу достава на мострите оваа година тие не можеа да земат учество на овој натпревар. Меѓународна комисија, составена од експерти од Македонија, Црна Гора, Косово и Србија, ги испитува органолептичките карактеристика на пристигнатите примероци мед. Значи се испитува вкусот, аромата, изгледот, бојата и други параметри и даваат своја оценка. Кога ќе заврши ова оценување, примероците ќе бидат испратени во лабораторијата на факултетот за Храна на Универзитетот во Тетово каде лабораториски ќе се прегледуваат мострите и очекуваме во средината на ноември да се добијат резултатите и да ги прогласиме оние кои имаат најквалитетен мед“, изјави Дритан Дикена, претседател на Здружението „Градот на пчелите“ од Тетово.

    Според Дикена, македонскиот мед, посебно тој од западниот дел на државата важи за еден од најквалитетните и досега на неколку меѓународни натпревари бил прогласен за најдобар. Бидејќи веќе е многу баран се размислува шарскиот мед да се брендира и да стане заштитена марка и така да биде достапен и на светскиот пазар. Но, за да се оствари тоа треба многу работа, уште повеќе што во последниве години климатските проблеми многу го отежнаа производството на мед воопшто а посебно на квалитетен мед.

    „Со оглед на климатските промени секоја година на пчеларите им е сè потешко и потешко. Минатата година беше многу лоша за разлика од оваа која е нешто подобра но далеку е од идеална. Во одредени региони имаше добар принос. За да се справиме со неповолните климатски промени ние мора да се едуцираме и превентивно да делуваме. Така на пример, ако во минатите години во есента пчеларите мируваа, сега веќе не е така туку ние интензивно работиме во пчеларниците за да ги заштитиме од болестите кои ги напаѓаат. Освен со климатските проблеми, се среќаваме и со прекумерната употреба на пестициди на површините каде пчелите се на испаша а исто големи проблеми ни прави нелојалната конкуренција која пласира фалсификуван мед“, вели Владимир Петровски, претседател на Здружението „Полошки мед“ од Тетово.

    И овој пат организатори на овој меѓународен натпревар на квалитетен мед тетовските пчеларски здруженија „Градот на пчелите“ и „Полошки мед“ во соработка со факултетот за храна при Универзитетот во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира