Речиси 4 милиони евра или вкупно 223.973.602, 00 денари се собрани во буџетот на Општина Центар од судски пресуди, договорни казни и активирани банкарски гаранции .
„По основ на активирани банкарски гаранции и договорни казни од вкупно 6 постапки, изминатата година Општина Центар во буџетот инкасирала 65.125.816, 00 денари, а во буџетот на Северна Македонија се слеале 25.389.383, 00 денари. Најголемиот дел од средствата се наплатени на име на договорна казна со правно лице од Скопје, поради незавршување на градба на објект во предвидениот рок кој бил наведен во добиеното одобрение за градба“, велат од Општината.
Активирани се и банкарски гаранции од правно лице од Скопје во стечај, каде Општината за непочитување на склучени договори и непреземање договорни обврски, наплатила износ од 1.240.000, 00 денари.
Од 10 судски предмети Општина Центар во 2020 во својот буџет внесе дополнителни 133.458.403, 00 денари. Овие средства општината ги наплатува по основ на долгови од повеќе јавни институции, правни и физички лица.
Од Центар велат дека веќе се отворени постапки каде средствата не се сѐ уште извршени, а поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против едно лице за постапување спротивно на членот 389 од Кривичниот законик на Северна Македонија, односно за незаконско симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено службено лице за осигурување на предмет или просторија.
Од собраните средства, се сервисираат редовните финансиски обврски, но се трошат и за реконструкција на улиците под нејзина надлежност, на градинки и основни училишта, се градат игралишта, паркови и зелени површини.