Вкупно 540 земјоделци аплицирале за финансиска поддршка за нови трактори, за што се одобрени 206 милиони денари преку Програмата за рурален развој. Најголем дел од нив се заинтересирани за марките „Тафе“, „Солис“ и „Махиндра“, кои важат за едни од најсовремените трактори.
„Во зависност од марката и цената на тракторот и според критериумите одредени со аплицирањето, финансиската поддршка ќе изнесува од 50 до 75 проценти од вкупната цена на новата земјоделска механизација“, вели директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Денеска во Штип симболично беа врачени договорите на петмина земјоделци, а останатите ќе ги добијат во наредниот период на домашна адреса.
„Откако ќе заверат и потпишат два примерока од договорите, треба да се вратат во Агенцијата за финанскика поддршка, па дури тогаш ќе може да почне реализацијата на инвестицијата“, вели заменик министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Бобовски, Димковски и земјоделците кои ги добија првите договори сметаат дека модернизацијата на домашниот агросектор е од големо значење, затоа што се намалуваат работните часови на земјоделецот кој со намалените производни трошоци станува поконкурентен на пазарот.
Т. ЈОВАНОВСКИ