60 ПРОЦЕНТИ СЕ ЗАГУБИТЕ НА ПИТКАТА ВОДА ВО СКОПЈЕ

    60 ПРОЦЕНТИ СЕ ЗАГУБИТЕ НА ПИТКАТА ВОДА ВО СКОПЈЕ

    Дури 60 проценти се загубите на питка вода во Скопје. Според извештајот на ЈП „Водовод и канализација“ за 2021, приходуваната вода е 39.88 проценти, а дури 60 проценти е нефактурирана вода од кои физичките загуби на вода се 30,67 отсто. Како што велат од претпријатието, губитоците на питка вода се проблем со кој се соочуваат со години, за што актуелниот менаџмент изготвува план и спроведува координирани активности за намалување на тој процент и сведување на што е можно пониско ниво.

    „Досегашните анализи кои ги изработуваме, покажуваат дека причините за губиток на вода за пиење се од различен карактер. Првичните анализи кои беа направени во изминатиов месец, покажуваат детектирање на повеќе одливи и тоа потрошена вода за полевање јавни зелени површини, дрвореди и булеварско и зеленило покрај улици и жардиниери, потрошена вода за миење јавни сообраќајни површини, плоштади, тротоари и патеки, како и за редовно испирање на мрежата. Во загубите влегува и водата потрошена преку фонтани, јавни украсни чешми и јавни тоалети, при санирање дефекти, потрошувачка на вода како резултат на грешки во водомерите, потрошена вода од неевидентирани корисници и од бесправно користење на хидранти“, велат од „Водовод и канализација“.

    За намалување на загубите и зголемување на процентот на приходувана вода, од претпријатието велат дека веќе се почнати да се реализираат повеќе активности. Набавени се зонски мерачи на проток и редуктори на притисок кои се инсталирани на неколку локации низ Скопје. Исто така, во соработка со „Водовод Будимпешта”, спроведен е проект за намалување на загуби на вода.

    „Проектот се спроведе во определената зона за испитување во Трнодол и Жданец, каде се направи потребното приспособување на зоната со специјализиран тип опрема на неколку клучни точки, преку која се овозможи детектирање на загубите на вода. Проектот опфати контролни мерења, ноќно мерење на проток на вода во затворен систем и дневно звучно мерење. По успешното изведување на мерењето се изработија извештаи и анализи во насока на зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на загубите на вода и ефектите на климатските промени“, велат од „Водовод“.

    Претпријатието изработи и „Стратегија за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем“, која треба да се реализира во наредниот период и се очекува да даде позитивни резултати во работата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира