Околу седум илјади македонски граѓани заклучно со 12 часот ја напуштија државата преку граничниот премин Богородица во изминативе 24 часа. Тие заминаа во Грција на продолжен празничен викенд од кои најголемиот дел денеска од утринските часови. Од таа причина претпладнево беа ставени во функција сите ленти за пасошка контрола за излез од државата на ГП Богородица.
Според информациите од командирката на полициската станица на граничниот премин Богородица Јасминка Аврамоска гужва на ГП Богородица и понатаму има и се очекува ситуацијата да биде ваква и во наредните два часа.
„За излез од државата се чека не повеќе од 20-тина минути. Во пасошите освен редовната контрола треба да се стави печат на Република Северна Македонија а за возилата да се издадат налепници. Околу 12 илјади патници поминале низ овој граничен премин за излез од Македонија од кои околу 7 илјади се македонски државјани“, информираше Аврамоска, која потврди дека колони возила има и на грчкиот граничен премин каде се чека повеќе од половина час за влез во ова држава.
Големата македонска навалица за Грција е заради претстојниот празник Велигден, денешниот неработен ден, но и понеделник кој исто така не се работи. Добар дел од граѓаните Велигден го споија и со Први мај. Според туристичките работници македонските граѓани како дестинација ги одбрале туристичките места на Халкидики но и грчките острови.
На ГП Дојран за излез од државата се чекаше околу 15 минути. Преку овој граничен премин во последните 24 часа државата ја напуштиле околу 1.800 патници.
В. ТРАЈКОВ