90 ОТСТО ОД ЗАПЛЕНЕТИТЕ МОТОРИ ВО ВЕЛЕШКО БИЛЕ ПОБУЧНИ ОД ДОЗВОЛЕНОТО

    90 ОТСТО ОД ЗАПЛЕНЕТИТЕ МОТОРИ ВО ВЕЛЕШКО БИЛЕ ПОБУЧНИ ОД ДОЗВОЛЕНОТОЖителите на Велес од повеќе делови на градот реагираат дека моторџиите, пред сѐ помлади лица со неконтролираната бучава која ја создаваат го нарушуваат мирот, посебно во ноќните часови. (Фото: СДК.МК)

    Дури 90 отсто од моторите кои биле сопрени поради сомение за преголема бучава, по извршеното тестирање во пракса се покажало дека произведуваат голема бучава, рече командирот на Полициската станица Велес, Александар Костов, на седница на Совет на Општина Велес, а по прашањето на советникот Кирил Лазов што презема сообраќајната полицаја за да се сопрат моторџиите кои предизвикуваат силна бучава.

    „Лани имавме една акција, годинава ја планиравме пролетва, но поради изборите ја оставивме за подоцна. Ланската покажа дека 90 отсто од запленетите мотори биле со повисоко ниво на бучава. Моторот се одзема на 90 дена, колку да помине летото, а после тоа ако може нека брмчи, кога ќе почнат дождовите. Така ќе биде и годинава. Ќе ги пренесам реакциите на колегите до единицата за безбедност во сообраќајот“, кажа Костов.

    Велешани секоја пролет, така и оваа мака мачат со звукот на моторите низ градот. Оваа појава е присутна во сите делови на градот а реакциите на граѓаните се присутни на социјалните мрежи. Жителите на Велес од повеќе делови на градот реагираат дека моторџиите, пред сѐ помлади лица со неконтролираната бучава која ја создаваат го нарушуваат мирот , посебно во ноќните часови.

    Советниците на седницата на која се разгледуваше годишниот извештај за работа на ПС Велес, најмногу прашања до командирот Костов поставија за сообраќајот, паркирањето, сообраќајниот метеж низ градот и потребата од регулирање на полиција.

    „Секоја седница исто е, прашањата се од областа на безбедноста на сообраќајот, која не е дел од работата на ПС Велес. Бројката на евидентирани прекршоци на учесници во сообраќајот е многу голема и таа бројка е континуирана и е во постојан пораст. Тоа го покажува ефектот од санционирањето, кое се гледа во пракса“, кажа Костов.

    На конкретно прашање, за наплатата на паркингот пред Основен суд, за лица кои не се овластени за тоа оти во градот нема платен паркинг, Костов образложи што презеле како активност.

    „Имаше писмени пријави од граѓани за овој случај, излегоа на терен неуниформирани инспектори констатираа дека има две лица, кои не наплатуваат пари, но ако им дадеш земаат. Не покажуваат насилие. Сликата не е добра од тоа што се случува, но нема елементи за да покренеме постапка“ , рече Костов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира