АЕРОКЛУБОТ „ШТИП“ СЛАВИ 100 ГОДИНИ, СЀ УШТЕ РАБОТИ САМО ОД ЕНТУЗИЈАЗМОТ НА ЧЛЕНОВИТЕ

    АЕРОКЛУБОТ „ШТИП“ СЛАВИ 100 ГОДИНИ, СЀ УШТЕ РАБОТИ САМО ОД ЕНТУЗИЈАЗМОТ НА ЧЛЕНОВИТЕАероклубот „Штип' е формиран точно пред 100 години, на 3 март 1924, откако Украинецот Јуришченко бил првиот пилот кој слетал во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Неколку аероклубови во Македонија успеаја да опстојат 100 години, благодарение на големиот ентузијазам на искусните пилоти и инструктори кои можат да се избројат на една рака. Еден од нив е и аероклубот „Штип“, формиран точно пред 100 години или на 3 март 1924.  Токму инструкторите од овој клуб се тие кои со својот ентузијазам се обидуваат да ги задржат школите за пилоти и за едриличарство. Многу често, како што велат, се принудени да издвојуваат свои пари за одржување и сервисирање на леталата .

    „Со авионот ‘утва 75’ што го имаме во наша сопственост многу одамна и со едрилицата набавена од Германија пред 7 години, од наши донатори кои беа и претседатели на клубот, се обидуваме да ги држиме во живот школите за пилоти и за едриличарство и да го градиме љубопитството на младите за да пројават интерес за посетување на нашите школи. Задоволни сме што годишно обучуваме најмалку по тројца млади за пилоти на авиони или едрилици“, вели претседателот Митко Петешев, кој истовремено е инструктор за пилоти на авиони.

    На волонтерска основа тој ја има поддршката о колегата Методи Стојанов кој е инструктор по едриличарство, како и на управникот на клубот Владо Арсов и искусниот механичар за авиони и едрилици Станиша Петровиќ. Тие немаат помош од државата, а основната функција на аероклубот е исклучиво во корист на државата и нејзините граѓани. Аероклубот се формира со основните постулати на граѓаните да им пружа услуги од панорамско снимање со авион и едрилица, вршење авионадзор над патишта и инспекција на далноводи и заштита од природни непогоди, фрлање летоци и пропаганден материјал и авиофотографирирање. Но, како што вели Петешев, од година во година се намалуваат барањата за вакви услуги.

    Аероклубот „Штип“ својот јубилеј 100 години од постоењето го одбележува денеска само со неколку пригодни едриличарски летови, но главното одбележување на јубилејот клубот го планира за април, кога на спортскиот аеродром „Сушево“ кај Штип ќе се одржи меѓународен аеромитинг. (Фото: Плакат за јубилејот)

    Многумина сметаат дека аероклубот „Штип“ е најстар во Македонија, но според некои други историски податоци, на 16 септември 1923 година во Скопје е формиран првиот аероклуб. По тој повод минатата година во септември, на спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје се одржа голем аеромитинг. На овој митинг Штип учествуваше со три авиони.

    Во 2009 од печат излезе посебна монографија на аероклубот, чиј автор е Тодор Кралев. Според неговите истражувања, првиот пилот кој слетал во Штип бил Украинецот Јуришченко. Со негова помош и со помош на словенечките пилоти Фердо Градишник и Матеј Шворц и група ентузијасти во Штип бил формиран првиот аероклуб. Десет години подоцна, во рамките на клубот проработила и падобранската школа. Првиот скок бил изведен во 1936. Падобранската школа работела долги години, но по осомостојувањето на Македонија престанала.

    Аероклубот „Штип“ својот јубилеј 100 години од постоењето го одбележува денеска само со неколку пригодни едриличарски летови, но главното одбележување на јубилејот клубот го планира за април, кога на спортскиот аеродром „Сушево“ кај Штип ќе се одржи меѓународен аеромитинг. Бидејќи нема пари ваков аерособир клубот од Штип не организирал повеќе од 23 години.

    Пред 2000-та година, спортскиот аеродром „Сушево“ кај Штип речиси секојдневно вриеше од млади луѓе заинтересирани да ги посетуваат авиошколите. Речиси секој месец се одржуваа натпревари за летање и прецизно слетување. Многу чести беа и натпреварите на моделарите од кои некои беа и светски прваци по ракетно моделарство. Штип имаше врвни пилоти кои редовно учествуваа на смотрите и по авиоакробатика. Се одржуваа и натправари по падобранство со учество на членовите на падобранската школа која во тоа време исто така работеше со успех.

    Денес, обично преку неделата, просториите и хангарите со леталата на аероклубот од Штип се затворени. Леталата се ставаат во функција само како што е денешниов случај за пригодни одбележување на значајниот јубилеј. Многу често, под клуч се и просториите во центарот на Штип каде се наоѓа Здружението на граѓани „Народна техника“ Штип, во чии рамки се и просториите на штипскиот аероклуб и на клубот на радиоаматерите.

    „Не беше многу одамна кога во овие простории не можеше да се разминеш од млади луге кои посетуваа разни секции по техника, ракетно моделарство или школите за пилоти и едриличарство. Тогаш, најмалку еднаш неделно или месечно тие излегуваа на терен на спортскиот аеродром ‘Сушево‘ и таму практично ги изведуваа обуките“, велат големите ентузијасти на „Народна техника“ и аероклубот „Штип“ кои искрено посаквуваат да се врати старото време.

    Аероклубовите во Македонија неколку децении се оставени сами на себе без никаква финансиска поддршка од државата, иако статусно функционираат во рамките на Агенцијата за цивилно воздухоплоство, односно под ингеренции на Министерството за транспорт и врски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира