Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја забрани за употреба водата од природната чешма во Башино Село, од која со вода за пиење се снабдуваат и бројни семејства од Велес.
„Поради утврдена неправилност, водата не смее да се користи за пиење сè до укинување на забраната од страна на надлежниот орган. Ги повикуваме граѓаните доследно да ја почитуваат изречената забрана“, соопштија од локалната самоуправа.
На чешмата е поставена и соодветна табла со известување за забраната. Од локалната власт најавија дека, по добивањето официјална потврда дека водата е безбедна за употреба, јавноста ќе биде информирана.
Претходно, Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес ги објави резултатите од анализата на примерокот од водата, извршена на 24 јули.
„Испитаниот примерок на водата не одговара на законските и стручните прописи за бактериолошка анализа поради зголемен вкупен број бактерии во еден милилитар. Со оглед дека станува збор за природна чешма која има непостојан квалитет на водата, истата не може да се смета за сигурен и безбеден извор за водоснабдување на населението. Потребно е да се изврши санација на објектот и околината и да се воспостави редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење“, стои во извештајот на ЦЈЗ Велес.
Од четирите примероци на вода земени од оваа чешма во центарот на Башино Село годинава, три биле исправни: на 2 јануари, 27 април и 9 јуни, додека последниот примерок покажал дека водата е неисправна.
За повторно да биде дозволена за употреба, водата треба да биде здравствено исправна во три последователни анализи.
Природната чешма во Башино Село минатата година била испитувана осумпати, при што во три случаи било утврдено дека водата е неисправна. Тоа, според стручните лица од ЦЈЗ Велес, укажува дека водата има непостојан квалитет и не се препорачува за употреба.
П. ПЕЧКОВ



