На посебна седница, со тајно гласање од страна на Одборот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), академик Абдулменаф Беџети денеска е избран наредните четири години да го води Универзитетот. Новиот ректор доаѓа на оваа место по завршувањето на мандатот на досегашниот ректор на УЈИЕ, проф. д-р Замир Дика, кој во два мандата успешно раководеше со оваа единствена институција на високото образование во Македонија.
Новиот ректор е избран со мнозинство од вкупниот број на гласови од членовите на Одборот на Универзитетот.
Абдулменаф Беџети завршил Економски факултет во Приштина и работел на повеќе раководни места во државниот и приватниот сектор. Во 1996 бил избран за министер за развој во Владата за Република Македонија а во 1997 за Министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија.
Во 2012 година е избран за член на Албанската академија на уметностите и науките а истата година станува член и на Македонската академија на науките и уметностите.
Абдулменаф Беџети досега работеше како редовен професор на факултетот за Бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа.