Од Град Скопје вчера информираа дека инспекторите и комуналните редари ќе вршат засилени контроли и ќе ги казнуваат сите кои се паркирани во зелена или јавна површина, бидејќи сообраќајната полиција не може да го реши хаосот со паркирањето низ главниот град.
Градоначалникот Петре Шилегов на прашања на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто Градот дозволува и не казнува за паркирање на плоштадот Филип Втори, улица Македонија, во новиот парк зад Филхарминија, на Кејот 13 Ноември постојано одговараше дека Градот нема надлежност да казнува, туку сообраќајната полиција е таа што не си ја врши работата.
„До основање на градската комунална полиција, одговорноста за сообраќајниот хаос е на Министерството за внатрешни работи. Затоа и Градот сака да ја преземе оваа надлежност, за да може да се воспостави ред”, рече Шилегов на 22 мај на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто никој не казнува за паркирање на централната пешачка улица во Скопје.
Сега од Град Скопје се предомислија и почнаа да пишуваат казни, почитувајќи ги и сегашните законски решенија што им даваат таква можност.
“Согласно Закон за комунални дејности и Одлука за комунален ред на Град Скопје член 25 и член 49, комуналните инспектори и комуналните редари ќе вршат засилени контроли и ќе бидат санкционирани сите возила кои се паркирани на јавна зелена површина како и на јавна површина. На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, казната изнесува 50 евра. Апелираме до сите возачи да се почитуваат сообраќајните знаци и да се грижиме за зелените површини”, се вели во известувањето од Инспекторатот на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА