Огромни ќе бидат последиците по животната средина доколку се дозволи на Кожуф, гевгелиско, да се отворат рудници и да се врши експлоатација на злато, алармираат од граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“. Според нив, најопасен ќе биде процесот на одвојување на златото и бакарот од рудата во кој повеќе од сигурно е дека ќе се користи цијанид. „Спас за Гевгелија“ секојдневно одржува собири со граѓаните за да ги информира за штетноста од отварање рудници на локалитетите „Коњско“ кај локалитетот Смрдлива вода и „Коњска река“ над селото Моин. Ангел Наков, граѓански активист, смета дека опасноста демне над Гевгелија доколку се издаде дозвола за експлоатација. Според него, сите рударски компании на Балканот го користат цијанидот како хемиски елемент за одделување на златото од рудата, процес кој се одвива во посебни базени кои заедно со јаловината потоа се пуштат во почвата.
„Цијанидот е опасен по животната средина. Уништува сè. Доколку овде се отварат рудници, огромни површини ке станат пустини. Во Европа насекаде е забранет цијанидот да се користи во рударските процеси. Единствено овде на Балканот може, затоа сите сакаат да отвараат рудници овде. Нашите сознанија се дека ако се отворат рудници овде на Кожуф, дневно ќе се употребува околу 10 тони цијанид. Каде ќе заврши овој отров, па се разбира во почвата, во надземните и во подземните води, што значи крај на растителниот свет, шумите, земјоделството. Се работи за сериозно прашање и затоа апелираме да гласаме Против бидејќи се работи за нашата и судбината на нашите деца, бидејќи со цијанидот си препишуваме смрт. Лага е дека имало други технологии за одделување на златото од рудата, бидејќи за компаниите најисплатливо и најпрофитабилно е да се користи цијанид во процесот на лужење“, кажа Ангел Наков од „Спас за Гевгелија“.
Оваа граѓанска иницијатива ја привршува кампањата меѓу гевгеличани в недела на референдумот да гласаат против издавање дозвола за експлоатација на злато од Кожуф. Тврдат дека ги информирале сите за злото што демне над Гевгелија. Убедени се дека на 23 април гевгеличани, како и Шпанците пред некоја година гласно ќе кажат не на отварање рударски комплекси во земјоделски и туристички регион
„Не сакаме да веруваме дека референдумот нема да успее или пак дека гевгеличани ке гласаат за отварање на рудници, бидејќи тогаш сами си ја препишуваме бавната смрт, си препишуваме деструкција на овој чист регион, заболувања. Верувам дека јасно ќе им ставиме на знаење дека и во Македонија граѓаните се против отварање на отворени рудници за метали каде ќе се користи цијанид“, рече Наков.
Преставници на заинтересираните компании за отварање рудници за злато на Кожуф кажаа дека технологијата отишла напред и се користат други хемиски елементи кои го разградуваат цијанидот и се минимализира штетноста од неговото користење. Остануваат на ставот дека овој проект ќе донесе бенефиции за општината, а голем акцент ќе се даде на заштитата на животната средина
В недела на 23 април, околу 19.300 гевгеличани со право на глас, на 37 избирачки места ќе се изјаснуваат на референдумското прашање дали се за или против издавање дозвола за експлоатација на минералични суровини на територијата на општина Гевгелија
В. Трајков